
Европската комисија (ЕК) денеска го предложи 21-виот пакет санкции против Русија, кој ги опфаќа енергетскиот сектор, финансиските услуги, трговијата со криптовалути и, за првпат, рибарството. Се предлагаат значителни ограничувања за увоз на некои рибни производи и целосна забрана за увоз на бакалар, како и забрана за влез на сите кои служеле во руската војска од почетокот на војната против Украина.
„Нашите санкции имаат голем ефект врз Русија, ги слабеат економските темели на руските воени напори и ефективно ја отсекоа од глобалните пазари на капитал“, изјави претседателката на извршното тело на ЕУ, Урсула фон дер Лајен. Предлогот за санкции е упатен до земјите членки на ЕУ, кои за тоа одлучуваат едногласно.
Фон дер Лајен вели сека со санкциите се сака да се осигура дека рускиот профит од продажбата на нафта ќе остане ограничен. Уште пред војната на Блискиот Исток на сила е одредбата за горната граница на цената на руската нафта – 44,1 долар по барел, која во себе има вграден механизам за приспособување со цел да се следи состојбата на пазарот. Сега тоа приспособување би се паузирало до јануари 2027 година.
„Тоа ќе им даде време на пазарите на нафта да се стабилизираат, а истовремено ќе се задржи притисокот врз руските приходи“, рече Фон дер Лајен.
На списокот на санкционирани се додаваат уште 30 бродови од руската флота во сенка, со што нивниот број се искачува на 662. На мета се и морските и воздушните пристаништа, како и рафинериите кои се користат за трговија и преработка на нафта. Пакетот вклучува и ограничување на продажбата на ЛНГ-танкери (танкери за течен природен гас) на Русија.
Во финансискиот сектор се проширува забраната за трансакции на уште 31 руска банка, како и на 20 криптоплатформи и трговци со нафта во трети земји кои им обезбедувале услуги на санкционираните руски претпријатија и поединци со цел заобиколување на санкциите.
ЕК предлага нови извозни ограничувања за артикли и технологии што ги користи руската воена индустрија, вклучувајќи повеќе метали и легури, како и забрана за извоз на опрема за дронови, опрема за поддршка на земја, како и за системи за попречување и лансирање.
Фон дер Лајен истакна дека европските санкции против Русија имаат голем ефект и дека цената на војната против Украина секој ден сè повеќе расте.
„Цената што Русија ја плаќа е сè поголема од ден на ден, а ја плаќа првенствено народот на Русија. Тие тагуваат за синовите, браќата, сопрузите, а истовремено се соочуваат со пад на животниот стандард дома“, рече претседателката на ЕУ, наведувајќи дека инфлацијата во Русија е близу шест отсто, а каматните стапки се 14,5 отсто.
Слична порака упати и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас. „Тула по тула, ги уриваме темелите на руската воена економија“, објави таа на мрежата „Х“.