
Европската Унија би можела повторно да го одложи европскиот систем за патување ЕТИАС (ETIAS), кој треба да воведе нов начин на патување во ЕУ за државјаните на трети земји на кои не им е потребна виза.
Официјално, од Европската комисија нема информации за евентуално ново одложување.
„ЕТИАС во моментов не е во функција и во овој момент не се примаат барања за одобренија за патување. ЕУ ќе ја извести јавноста за точниот датум на почетокот со работа на системот ЕТИАС неколку месеци пред неговото лансирање“, ни соопштија тие на прашањето што го испративме.
Сепак, угледниот британски дневник „Финаншал Тајмс“ тврди дека има сигурни информации дека системот ќе биде одложен, и тоа најмалку до втората половина на следната година. Системот досега беше одложуван неколку пати, а последниот рок кога требаше да биде воведен беше поставен за крајот на оваа година.
„Институцијата која е надлежна за овој систем, Агенцијата на ЕУ за оперативен менаџмент на големи информациски системи во Секторот за слобода, безбедност и правда, призна дека рокот за почеток со работа до крајот на оваа година веќе не е можно да се испочитува“, наведува овој весник.
Иако тоа никој не сака официјално да го потврди, се верува дека главната причина за одложувањето е хаосот што уследи по воведувањето на ЕЕС (EES), односно системот за дигитална биометриска регистрација на патниците кои влегуваат во ЕУ. Системот почна со работа крајот на минатата година, а бројни аеродроми во Европа се соочени со големи метежи, при што се забележани и случаи каде авионите ги напуштале аеродромите со само неколку патници, бидејќи мнозинството не успеало да ја помине пасошката контрола и регистрацијата.
И покрај тоа, ЕУ минатата недела и официјално објави дека нема да има повторно одложување или суспензија на ЕЕС, и покрај метежите.
Имено, од ЕУ порачуваат дека не е можно системот да се применува во некои држави, а во други не, бидејќи тоа би можело да доведе до неправедни ситуации во кои патниците би останале заглавени на граничните премини. Како што појаснуваат, делумна суспензија би создала ситуации во кои патникот би можел да влезе во ЕУ и да биде регистриран, а да излезе од ЕУ на премин каде што ЕЕС не би се применувал, па технички при следниот влез во ЕУ би можел да биде одбиен бидејќи формално го пречекорил бројот на дозволени денови за престој во ЕУ.
Во ЕУ исто така истакнуваат дека суспензијата на ЕЕС не е ни потребна бидејќи од повеќе илјади гранични премини, сериозни проблеми постојат на дваесетина, па ги повикаа земјите членки каде што се наоѓаат тие премини да ја засилат имплементацијата.
За појаснување, кога станува збор за ЕТИАС, се работи за формулар што секој патник ќе го пополнува преку интернет пред влезот во ЕУ и ќе одговори на неколку основни прашања. Барањата автоматски ќе бидат процесирани и во најголем број случаи влезот ќе биде одобрен во рок од неколку минути. Иако првично беше предвидено ЕТИАС да чини седум евра, цената дополнително е зголемена за околу трипати.