
Европската комисија денеска би требало да му изрече казна на „Гугл“, што е исход од двегодишната истрага за фаворизирање на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето. Истрагата ја опфати и практиката со која компанијата ги спречува програмерите на апликации да ги насочуваат корисниците кон понуди надвор од продавницата и системот за плаќање на Гугл, пишува „Еуроњуз“.
Информацијата за денешниот датум ја објави германскиот весник „Ханделсблат“, кој се повикува на двајца високи функционери од ЕУ. Одлуката следува по состанокот на колегиумот комесари под водство на Урсула фон дер Лајен, на кој казната наводно требало да биде потврдена.
Според Актот за дигитални пазари (DMA), казните можат да изнесуваат и до 10 проценти од вкупниот годишен промет на компанијата на светско ниво. Бидејќи матичната компанија на Гугл, „Алфабет“, во 2025 година пријави приход од 402,8 милијарди долари, максималната казна теоретски би можела да достигне десетици милијарди долари.
Одлуката за казната би можела дополнително да ги заостри односите со САД. Вашингтон и претходно го обвинуваше Брисел дека со дигиталната политика неправедно ги зема предвид и ги таргетира американските компании. Во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воведување царини од 100 проценти за сите европски земји кои ги оданочуваат дигиталните услуги на американските компании.