
Европската Унија ѝ додели на Босна и Херцеговина 140,5 милиони евра грантови во рамките на Инструментот за претпристапна помош ИПА III за периодот од 2025 до 2027 година, објави во саботата Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
-Европската Унија останува најдоследен партнер на Босна и Херцеговина, соопшти Делегацијата на ЕУ во Сараево во објава на социјалната мрежа X.
Делегацијата потврди дека институциите на Унијата одобриле поддршка за оваа земја. Порано оваа година, Советот на министри, а потоа и тричленото Претседателство на Босна и Херцеговина го ратификуваа договорот со Унијата.
Средствата се наменети за поддршка на БиХ во усогласувањето со правилата и стандардите на Европската Унија. Тие вклучуваат проекти за економски развој, реформи на јавната администрација и институциите, управување со миграцијата, одржливо земјоделство и прехранбениот сектор, како и други области важни за процесот на пристапување на земјата кон членство во ЕУ.
ИПА III е главниот инструмент со кој Европската Унија финансиски ги поддржува земјите кандидати и потенцијални кандидати во спроведувањето на реформите поврзани со процесот на пристапување. Целта е, меѓу другото, зајакнување на институциите, подобрување на управувањето со јавните политики, зголемување на конкурентноста на економијата и постепено усогласување на законодавството и практиката со правпто на Европската Унија.