
„Сите буџети и сите министри за финансии секогаш мора да ги одредуваат приоритетите, а безбедноста очигледно е еден од нив“, изјави комесарката за животна средина, водна отпорност и циркуларна економија во одговор за агенцијата Хина за време на конференцијата „Зелена недела на ЕУ“, која се одржа минатата недела во Брисел.
„Но, безбедноста не се само тенкови и воена опрема. Тоа е, на пример, и безбедноста на водоснабдувањето или производството на храна“, додаде таа.
Европската комисија, извршното тело на ЕУ, во септември претстави пет нови приоритети во кои државите треба да ги вложуваат парите добиени од фондовите на ЕУ, а тоа се: економската конкурентност, одбраната, пристапното домување, водната отпорност и енергетската ефикасност.
Розвол, 53-годишна шведска политичарка и правничка, не смета дека поради војните во Украина и на Блискиот Исток зелените политики ќе паднат во втор план.
„Јас не го гледам тоа така“, рече таа. „Нездравата земја е закана за националната безбедност“, порача комесарката.
Таа додаде дека со природата се поврзани пет од десетте најголеми ризици што индустриите ги предвидуваат во следните десет години.
Поради тоа, Европската комисија предлага 35 отсто од буџетот на ЕУ да бидат наменети за цели поврзани со климата и животната средина за периодот од 2028 до 2034 година. Тоа се повеќе од 700 милијарди евра.
„Се работи за нашата безбедност, но и за отпорноста и конкурентноста“, рече Розвол.
Топлотните бранови, сушите и поплавите нанесоа штета од 43 милијарди евра минатото лето во Европската Унија, покажуваат податоците на Европската комисија. Се очекува тој трошок да порасне на 129 милијарди евра до 2029 година.
„Вложувањето во природата е вложување во отпорноста“, напомена комесарката за животна средина.
Розвол рече дека за неа никогаш не постоела противречност меѓу зелената транзиција – односно преминот на економијата и општеството кон развој што не ја загадува животната средина – и конкурентноста.
„Напротив, сметам дека зелената транзиција е конкурентска предност за европските претпријатија“, изјави таа.
Европската комисија за време на конференцијата порача дека ЕУ преку обновливи извори на енергија треба да ја намали зависноста од фосилни енергенси кои доаѓаат од кризниот Близок Исток и од Русија, што е дел од нејзиниот стремеж за стратешка автономија.
Розвол предупреди дека ќе мора да се вклучат и приватните компании, бидејќи самите држави немаат доволно пари за спроведување на зелената транзиција.
„Јавните средства нема да бидат доволни за да го пополнат постојниот финансиски јаз. Во тој контекст, важни се и кредитите за природата. Моментално работиме со експертски групи и со различни чинители на воспоставување на системот и на дефинирање на начинот на неговото функционирање“, рече таа.
„Кредитите за заштита на природата“ би биле вредносни хартии кои компаниите и инвеститорите би ги купувале од земјоделците, шумарите, јавните претпријатија и локалните заедници во замена за нивната работа на зачувување на природата.
Работна група од 150 експерти од разни области работи на нацртот за овој систем, со кој компаниите би биле мотивирани да купуваат такви вредносни хартии, односно да вложуваат во обнова на земјиштето, шумите и водите.
„Фирмите сакаат да знаат во што вложуваат. Сакаат да бидат сигурни дека не се работи за ‘зелено перење’ (greenwashing), односно за лажно еколошко рекламирање“, заклучи комесарката.