
Целта на прописите на ЕУ за дозволите за пилотите на противпожарните летала е безбедноста на екипажот и граѓаните на земјата, истакна Агенцијата за безбедност на воздушниот сообраќај (EASA) во одговорот на критиките од шефот на португалски Авинцис дека „бирократските пречки“ го отежнуваат пополнувањето на кадровските „дупки“ во работите за гаснење пожари.
ЕУ со прописите за дозволи за пилотите на противпожарните авиони и хеликоптери воспостави заеднички стандард за да се загарантира безбедноста на екипажот и граѓаните на земјата, наведоа од EASA по прашањето на Ројтерс да ги коментираат забелешките на шефот на португалската компанија за воздухопловни услуги во кризни ситуации, Џон Боаг.
Џон Боаг се пожали на прописите на ЕУ, според кои, како што наведе, и воените и пилотите од странство, доколку сакаат да управуваат со противпожарни летала, мора да полагаат испит од цивилното воздухопловство.
„Потребно ни е решение кое ќе овозможи луѓето брзо да ги доведеме во Европа, без бирократија“, рече Боаг, тврдејќи дека аеродинамиката на хеликоптерот е иста и во војската и во цивилниот свет, според извештајот на Ројтерс објавен во понеделникот.
Во вторникот портпаролот на EASA во изјава за Ројтерс ги отфрли критиките на Боаг.
„Целта не е да се игнорира странското или военото искуство, туку да се оцени и да се потврди со споредба со европскиот стандард“, нагласи портпаролот на EASA за Ројтерс.
Тоа е особено важно кога се во прашање специјалистички и барателни работи, како што е гаснењето пожари, додаде тој.
Гаснењето пожари е барателна работа која опфаќа ниско и прецизно летање во непредвидливи воздушни струи, а експертите велат дека на Европа ѝ недостасуваат искусни пилоти и техничари, напоменува Ројтерс.