Европската комисија ѝ исплати денеска на Украина речиси 2,8 милијарди евра за да ги поддржи нејзините финансиски потреби и одржувањето на јавната администрација, додека земјата и понатаму се брани од руската агресорска војна, соопшти Европската комисија.

Како што се посочува, станува збор за седма исплата во рамките на Инструментот за Украина, со која вкупната поддршка што ЕУ ја има обезбедено во рамките на Планот за Украина достигна 29,5 милијарди евра.

Тоа се речиси 77 отсто од средствата достапни во рамките на првиот столб од Инструментот, кој обезбедува директна поддршка за државниот буџет.

Исплата следуваше откако Украина успешно ги спроведе реформите во неколку стратешки сектори, вклучувајќи го управувањето со јавните финансии, правосудството, финансиските пазари, човечкиот капитал, деловното опкружување, енергетиката, земјоделството, критичните суровини, дигитализацијата и зелената транзиција.

„Брзината и посветеноста на Украина во спроведувањето на суштинските реформи ја заслужија оваа исплата, а сега исто така го отвораме патот за понатамошен напредок во пристапните преговори“, изјави по тој повод еврокомесарката за проширување Марта Кос, која денеска престојува во Украина.

Украина на 14 април поднесе делумно барање за исплата. Земјите членки, во рамките на Советот на ЕУ, на 28 мај ја поддржаа оцената на Комисијата дека Украина успешно исполнила единаесет реформи поврзани со оваа исплата, заедно со трите преостанати реформи од петтата и шестата исплата, како и четири реформи пренесени од идните транши.