Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави денеска дека Европската Унија го засилува притисокот врз руската „флота во сенка“.

„Нафтениот танкер MV South Star, за кој се сомнева дека пловел под лажно знаме, кршејќи го меѓународното поморско право, на 20 јули беше прегледан од силите на операцијата EUNAVFOR MED IRINI со цел проверка на знамето под кое плови“, напиша Калас на платформата „X“.

Таа наведе дека секое незаконско патување помага за одржување на руската воена машинерија и дека санкциите на ЕУ се проследени со конкретно делување на море.

„Истовремено, државите членки оваа недела ѝ одобрија на операцијата EUNAVFOR ATALANTA да започне со спроведување прегледи и качување на бродови за проверка на знамето кај пловила за кои се сомнева дека ѝ припаѓаат на руската ‘флота во сенка’, на ист начин како што тоа го прави операцијата IRINI. Оваа одлука дополнително го стега обрачот“, наведе Калас.