Европската комисија го казни „AliExpress“ со 550 милиони евра бидејќи платформата не ја спречила ефикасно продажбата на илегални, небезбедни и фалсификувани производи. Овој потег е дел од пошироките мерки на Европската Унија насочени кон кинеските интернет-продавници, кои вклучуваат построги проверки и нови увозни давачки за платформите за брза мода како „Temu“ и „Shein“, пишува „Еуроњуз“.

Одлуката е донесена само неколку дена откако ЕУ воведе фиксна царина од 3 евра за пакети со вредност до 150 евра. Ваквите пратки претходно влегуваа на пазарот на Унијата без царина, а се очекува новата давачка значително да влијае врз бизнис-моделите на кинеските трговци на интернет.

Казната е резултат на официјална постапка покрената во 2024 година поради сомнеж за кршење на Актот за дигитални услуги (DSA). Комисијата утврди дека „AliExpress“ не воспоставил ефикасен систем за откривање и отстранување на илегалните производи. Заклучено е и дека компанијата го потценила реалниот обем на работа на модераторите на содржини во однос на нивниот број.

Истрагата исто така откри дека постоечките проверки за усогласеност на производите биле подложни на злоупотреба. Утврдено е дека некои трговци намерно погрешно ги класифицирале производите за да ги искористат поблагите регулаторни барања.

Според наодите, на „AliExpress“ и понатаму се продавале големи количини илегални производи, вклучувајќи небезбедни играчки и опасна козметика, и покрај напорите за модерација. Во некои случаи, таквите производи останале достапни со недели откако биле пријавени.

Комисијата откри и дека „AliExpress“ не ја спроведувал доследно сопствената политика за казнување. Тоа им овозможило на продавниците кои нуделе илегални производи да останат активни дури и по изречените санкции. Системот за авторизација на брендови, осмислен за спречување на продажбата на фалсификати, е оценет како неефикасен бидејќи продавачите успевале да го заобиколат.

„AliExpress“ мора до 20 октомври 2026 година да претстави акциски план со мерки за решавање на утврдените проблеми. Комисијата понатаму во рок од два месеци ќе одлучи дали се потребни дополнителни чекори.

Од AliExpress во одговор за Еуроњуз изјавија дека инвестирале значителни средства во проценката на ризикот, безбедноста на производите и заштитата на потрошувачите. „Не се согласуваме со денешната одлука и со несразмерната казна.

Сметаме дека таа не ја одразува нашата воспоставена рамка и значајните, проактивни подобрувања што ги воведовме“, стои во соопштението на компанијата. „Внимателно ја анализираме одлуката и ги разгледуваме сите достапни опции.“