
Последната верзија на предлогот, која ја претстави кипарското претседателство со ЕУ, уследи по маратонските повеќедневни преговори со Европскиот парламент.
Компромисниот предлог го задржува сегашниот праг на доцнење од три часа за добивање обесштетување, кое останува 250 евра за летови до 1.500 километри и 400 евра за летови меѓу 1.500 и 3.500 километри.
Притоа се разјаснуваат деталите што се однесуваат на правилата за летови подолги од 3.500 километри, во чиј случај патниците ќе добијат 300 евра за доцнење меѓу три и четири часа, односно 600 евра за доцнење подолго од четири часа или за откажување на летот.
Преговарачите на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ се согласија за новата обврска на авиопревозниците, кои ќе треба на патниците, во рок од 48 часа од предвиденото време на пристигнување на одредиштето, да им испратат линк до образецот за барање надоместок поради доцнење или откажување. Ова би требало да го олесни процесот на поднесување на барањата.
Од авиокомпаниите ќе се бара и да дадат објаснување за нарушувањето на летот, што вклучува прецизирање на каква било вонредна околност со која евентуално сакаат да го избегнат плаќањето на надоместокот.
Линкот ќе мора да им биде доставен на патниците преку „траен медиум“, како што е електронската пошта, а не преку известувања на апликации, на кои патниците подоцна тешко можат да им влезат во трага.
Откако патникот ќе го поднесе барањето за надоместок, авиокомпанијата ќе има рок од 30 дена за исплата или за изнесување објаснување за одбивањето на исплата. Тој рок може да биде продолжен доколку барањата се поднесат во хартиена форма.
Договорено е и дека авиопревозниците ќе мора да ја објават цената на билетите која го вклучува сиот багаж што оди во кабината, а не само помалото парче што се сместува под седиштето. Патниците ќе можат да се откажат од користењето на поголем куфер во замена за одреден попуст.
Здружението на европски авиопревозники „Ерлајнс фор Јуроп“ (Airlines for Europe – A4E) предупредува дека плановите за зајакнување на правата на патниците ќе им ги удвојат трошоците на авиокомпаниите, пренесува „Финансии.хр“.
Според податоците на Европската комисија, сегашната рамка ги чини превозниците околу осум милијарди евра годишно. Здружението наведува дека таа сума сега би можела да скокне на 15 милијарди евра.