Американскиот актер Ерик Робертс потврди дека не присуствувал на свадбата на својата ќерка Ема и актерот Коди Џон која се одржа минатиот викенд.

Триесет и петгодишната актерка се омажи за својот долгогодишен партнер на 25 јули на интимна церемонија во Ајдахо, по четири години врска, но нејзиниот 70-годишен татко не бил меѓу гостите.

Откако во неделата бил забележан во Лос Анџелес, Робертс кусо го коментирал своето отсуство за Page Six.

– Ја сакам мојата ќерка, отсекогаш сум ја сакал и секогаш ќе ја сакам. Прекрасно е што слави на начин на кој сака и со кого сака – изјавил актерот.

Ерик Робертс ја доби Ема во 1991 година со тогашната партнерка Кели Канингем. Набргу по нејзиното раѓање, поради проблеми со зависност од дрога, го изгубил старателството над ќерката.

Неодамна, во подкастот „Really Famous with Kara Mayer Robinson“, тој зборуваше за нивниот однос и ги отфрли тврдењата дека не се во добри односи.

На прашањето дали нивниот однос е комплициран, одговорил:

– Всушност, не е. Комплицирано им изгледа само на луѓето од страна, бидејќи не ја разбираат ситуацијата и создаваат сопствени претпоставки.

Актерот искрено проговорил и за периодот по раѓањето на Ема.

– Емоционално не бев личност на која можеше да се потпреш, бидејќи бев целосно изгубен. Имав многу проблеми и за тоа преземам целосна одговорност – признал тој.

За овие животни предизвици детално пишува и во своите мемоари од 2024 година, „Runaway Train: Or, the Story of My Life So Far“.

– Ја сакав мојата ќеркичка со сила на Херкул, и покрај сопствените слабости. Но не можев да се справам со фактот дека станав татко, ниту знаев како да ја живеам улогата на родител. И денес не се сметам за вистинска татковска фигура – напишал Робертс.

The post 🎥 ЕРИК РОБЕРТС НЕ БИЛ НА СВАДБАТА НА ЌЕРКАТА ЕМА „Прекрасно е што слави на начин на кој сака и со кого сака“ appeared first on plusinfo.mk.