
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека сака да разговара со својот руски колега Владимир Путин за напорите за завршување на војната во Украина, откако во саботата разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што пренесува „Ројтерс“ (Reuters), Ердоган ова им го изјави на новинарите во авионот на враќање од Јужна Кореја.
Турскиот претседател наведе дека неговиот министер за надворешни работи и другите надлежни функционери разговараат со двете страни за можен состанок меѓу Русија и Украина во Турција.
Запрашан за можниот разговор меѓу Путин и Ердоган, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека во моментов нема конкретни планови, но дека таков разговор би можел да се организира во краток рок доколку биде потребно.
Турција минатата година беше домаќин на три рунди директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, на 16 мај, 2 јуни и 23 јули. Преговорите донесоа големи размени на заробеници, но не и прекин на огнот.
Путин во јуни оваа година изјави дека Москва е подготвена да ги продолжи преговорите врз основа на предлозите за кои се разговараше во Истанбул, а продолжението на преговорите меѓу Русија и Украина со посредство на САД, според „Ројтерс“, се очекува следната недела.