„Енвидија“ (Nvidia) им нареди на партнерите кои управуваат со центрите за податоци да ја намалат изложеноста кон кинеските купувачи, пишува Financial Times (ФТ). Најголемиот светски производител на чипови, според пет извори, бара најмалку 51 процент од услугите да им ги продаваат на некинески компании.

Уште во изминатите месеци „Енвидија“ им порача на клиентите од областа на облачното сметање (cloud computing) дека мораат најмалку 51 процент од своите услуги да им ги продаваат на компании што не се кинески, наведува ФТ во ексклузивниот текст објавен во вторникот, повикувајќи се на пет лица запознаени со темата. Претходно не постоеја никакви ограничувања.

Според пишувањето на весникот, овој потег дополнително ја ограничува можноста на Кина да држи чекор со американските ривали, во момент кога се засилува трката меѓу двете светски суперсили во областа на вештачката интелигенција.

„Енвидија“ на 26 август ги објави резултатите за вториот фискален квартал од 2027 година, кој заврши на 26 јули. Приходот изнесуваше 96,2 милијарди долари, што е за 106 проценти повеќе од претходната година и за 18 проценти повеќе во споредба со претходниот квартал. Приходот од центрите за податоци, како клучен сегмент за вештачката интелигенција, порасна за 117 проценти на 89 милијарди долари, додека нето-добивката според ГААП (GAAP) стандардите изнесуваше 59,7 милијарди долари.

Во истото соопштение компанијата наведе дека во прогнозата за третиот квартал не смета на никаков приход од компјутерските услуги на центрите за податоци од Кина. За тој квартал очекува приход од 108 милијарди долари, со можно отстапување од два проценти во двата правци.