
Незапаметениот топлотен бран што ја зафати Европа во текот на јуни му нанесе жесток удар на земјоделството. Според проценките на Европската асоцијација за трговија со житарици и маслодано семе, производителите претрпеа загуба од две милијарди евра, додека уништени се девет милиони тони посеви.
Овој пад на производството на житарици како пченица, јачмен, пченка и овес значи дека 27-те членки на Европската Унија и Велика Британија ќе забележат најмала жетва уште од 2018 година. Вкупната загуба на посевите е поголема од целокупното прогнозирано годишно производство на Австрија, Ирска и Холандија заедно.
Како главна причина се наведува најтоплиот јуни досега забележан во Западна Европа. Високите температури и сушата ги погодија посевите во најчувствителните фази од нивниот развој.
Пченката страдаше за време на клучниот период на опрашување, додека пченицата беше погодена во фазата на полнење на зрното, кога влагата ѝ е најпотребна за стабилен принос.
Експертите напоменуваат дека проценката од две милијарди евра ги опфаќа само житариците, додека вистинските трошоци од топлотниот бран ќе бидат значително поголеми кога ќе се пресметаат загубите во одгледувањето зеленчук и сточарството.
Најтежок удар претрпе Франција, каде што се изгубени околу 3,4 милиони тони пченка, а финансиската штета се проценува на 891 милион евра.
Француските земјоделци истакнуваат дека ниту повеќегодишното прилагодување на сушите не им помогнало против температурите кои со недели преминуваа 38 степени Целзиусови, поради што очекуваат пад на приносите кај одделни култури и до 70 проценти.
По Франција, најголеми загуби се бележат во Унгарија (2,4 милиони тони) и Шпанија (1,4 милиони тони).
Истовремено, земјоделците во Велика Британија беа принудени значително порано да ја започнат жетвата поради екстремните жештини, што доаѓа по веќе тешките и со временски непогоди погодени претходни години.
Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот голем недостиг на приноси ќе ја принуди Европа на поголем увоз на житарици, што директно ќе влијае врз растот на цените на стоките на глобалниот пазар.
Ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што и глобалните залихи се намалуваат, со оглед на тоа што јужните и западните делови на САД исто така се соочуваат со тешка суша која сериозно го загрозува нивното производство на житарици и месо.