
Домашната инфлација очекувано забрза во вториот квартал, и натаму е на релативно повисоко ниво, при постепено забавување во текот на вториот квартал. Економската активност е отпорна на неизвесното надворешно окружување, а во рамките на банкарскиот сектор и натаму се бележи солиден раст на депозитите и кредитите. Надворешната позиција на земјава е стабилна, а девизните резерви се одржуваат на соодветното ниво за зачувување на стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото, оцени Советот на Народната банка (НБ) по разгледувањето на кварталниот извештај.
Според извештајот, најновите макроекономски показатели главно се движат во согласност со априлските проекции.
Во вториот квартал од 2026 година, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25%, во услови на продолжено времетраење на инфлацијата и висока неизвесност од надворешното окружување.
„ Во вториот квартал, просечната инфлација изнесуваше 4,6%, при постепено забавување во текот на кварталот сведувајќи се до 3,4% во јуни. Сепак, процесот на враќање кон историскиот просек е побавен, при нагласени ризици од геополитичките случувања, од движењата на цените на примарните производи на светските берзи и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката. За 2026 година се очекува просечна инфлација од 4%, а за 2027 година 3%“, се наведува во оценката на Советот на Народна банка.
Во првиот квартал од 2026 година, економската активност забележа реален годишен раст од 3,1%, речиси во согласност со проекциите, главно поттикнат од домашната побарувачка.
„Показателите за вториот квартал упатуваат на можно забрзување на растот, а за целата 2026 година се очекува раст на БДП од 3,5%“, стои оценката.
Надворешната позиција на земјата се оценува како стабилна.
„Во првиот квартал, тековната сметка забележа дефицит од 1,6% од БДП, што е подобрување на годишна основа, додека финансиската сметка оствари нето-приливи од 2,9% од БДП. Девизните резерви и натаму се во безбедната зона и на крајот на јуни изнесуваат 4.936,4 милиони евра. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при сосема мали интервенции на Народната банка и на страната на продажбата, и на страната на откупот на девизи“, оцени советот на НБ.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна активност и зајакнување на депозитната база на банките. Притоа, се бележат натамошни поволни движења во структурата на штедењето, со раст на денарските и на долгорочните депозити.
The post ЕКОНОМИЈАТА ЗАБРЗУВА, А ИНФЛАЦИЈАТА СЕ НАМАЛУВА Народна банка ја објави оценката за вториот квартал appeared first on plusinfo.mk.