
Додека светските берзи ги следат движењата на каматните стапки, инфлацијата и корпоративните профити особено на воената индустрија, се повеќе станува јасно дека економските одлуки повеќе не се носат во финансиските центри на моќ туку на политичките и воените фронтови. Во современата економија цената на капиталот, вредноста на валутите и инвестициските текови во голема мера се детерминирани од воените конфликти, економските санкции кои ги наметнуваат САД и нивните сојузници особено врз глобалниот платен систем и пазарите на енергенси и политичките сојузништва наместо од пазарните фактори.
Појавата на корона-кризата, руската специјална операција во Украина и нападот на САД и Израел врз Иран покажаа дека глобалната економија влегува во период на трансформација. Имено, трите настани ја докажаа ранливоста на глобалните синџири на снабдување, зависноста на економскиот раст на Европа од евтините руски енергенси, а блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран покажа дека сепак САД не се единствена детерминанта на текот на светската економија туку дека постојат и други земји кои се способни да влијаат врз светските економски текови. Дополнително, процесот на дедоларизација, деглобализација и de facto трговската војна помеѓу Кина и САД го поставија прашањето дали светската економија треба да се реорганизира, потенцирајќи го цикличното движење на светскиот поредок каде што една воено-политичка и економска сила на долг рок е заменета со повеќе. Консеквентно, воените кризи кои во минатото можеби биле географски и економски ограничени денес се прелеваат на целокупната светска економија. Имено, секоја воена криза се трансформира во финансиски шок влијаејќи врз инфлацијата, глобалните снабдувачки синџири, монетарната политика, фискалната политика и вреднувањето на финансиските средства во корпоративниот свет.
Непосредно пред започнувањето на војната помеѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) беа привлечна дестинација за инвеститорите и безбедно засолниште за капиталот, но ракетните удари на Иран врз Дубаи и американските бази во останатиот дел од ОАЕ оваа земја ја претворија во ризична за инвестиции. Златото повторно стана примарен инструмент за заштита од ризик потврдувајќи ја ефикасноста на златниот стандард. Исто така пазарите на капитал станаа високо волатилни на воените кризи, забавувајќи го економскиот раст движен од растот на корпоративниот сектор.
Кога се споменува корпоративниот сектор важно е да се истакне дека воените кризи немаат влијание врз него само преку пазарите на капитал и високите каматни стапки кои го одвраќаат од позјамување и инвестиции туку треба да се нагласи влијанието врз ставките во финансиските извештаи. Во услови на зголемена неизвесност, корпоративниот сектор мора да ги ревидира проценките за идните парични текови, да изврши репроценка на вредноста на средствата во Билансот на состојба и кредитниот ризик. Растот на трошоците за енергија и гориво кои се основни импути во процесот на производство директно ги детерминираат ликвидноста, профитабилноста и долгорочната финансиска одржливост на компаниите. Аналогно на ова, финансиското известување се повеќе има улога на инструмент за проценка на отпорноста на компанијата на ризици и прераснува во една од детерминантните за донесување одлуки од страна на инвеститорите.
Малите и отворени економии кои се зависни од увоз на енергенси, имаат плитки финансиски пазари и се силно поврзани со европската економија се волатилни на актуелните екстерни шокови, така што конкурентската позиција на компаниите покрај од продуктивноста, зависи и до способноста за управување со ризици.
Во контекст на актуелната глобална воено-политичка и економска ситуација каде што оружјето е основно средство за решавање на отворени прашања, се јавува дилемата дали принципите на слободна трговија и економска интеграција сеуште постојат или силата на армијата и отпорот на воениот притисок се проски за економски развој на земјата. Оваа дилема ја одредува иднината на финсиските пазари, финансиското известување на компаниите, начинот на менаџирање и вреднување на средствата во корпоративниот сектор и светската економска сцена.
Колумна на м-р Филип Тасковски, докторанд по Економски науки (завршна фаза) на Економски факултет при УГД и асистент на Факулетот за економија при Славјански универзитет
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот