
Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, денеска предупреди дека сајбернападите врз системите за ладење во супермаркетите низ Европската Унија претставуваат намерен обид за нарушување на синџирот на снабдување со храна и поткопување на довербата на потрошувачите.
„Овие сајбернапади врз фрижидерите се намерен обид за нарушување на снабдувањето со храна во ЕУ и за поткопување на довербата на потрошувачите“, изјави Хансен, според Ројтерс.
Тој нагласи дека безбедноста на храната во моментов не е загрозена, но дека последиците од нападите веќе се реални.
„Безбедноста на храната во моментов не е загрозена, но фрлањето на храната и последиците за компаниите се реални“, порача европскиот комесар.
Предупредувањето доаѓа во ден кога нови проблеми со системите за ладење се пријавени во супермаркети во неколку европски држави. Во Белгија и Луксембург се погодени продавници на трговските синџири „Делез“, „Карфур“ и „Спар“, додека во Шведска инциденти пријавиле „ИЦА“ и „Кооп“.
Проблеми се пријавени и во Ирска, каде што синџирот „СуперВалу“ соопшти дека инцидентот погодил 13 продавници, поради што морале да бидат отстранети расипани разладени и замрзнати производи. Во Естонија, исто така, е регистриран случај во продавница на синџирот „Селвер“.
Според Ројтерс, во одредени продавници температурата во замрзнувачите била зголемена до 50 степени Целзиусови. Во Шведска, шест продавници на „Кооп“ пријавиле проблеми со системите за ладење, додека „Карфур“ соопштил дека 15 од своите 700 продавници во Белгија биле погодени.
Во Белгија, раководителот на компанијата за системи за ладење „Сабкобел“, Стефан Муланс, изјавил дека станува збор за сајбернапад при кој испарувачите на разладните уреди биле префрлени во режим на одмрзнување. Компанијата ги исклучувала погодените уреди од мрежата за да спречи понатамошни последици.
Новите инциденти следуваат по сличен бран напади врз супермаркети во Франција минатиот месец, кога хакери презеле контрола врз системите за ладење во стотици продавници. Тогаш биле пријавени големи количини уништена храна, а во некои објекти дошло и до пожари поради прегревање на опремата.
Засега никој не презел одговорност за нападите, а не е утврдено дали инцидентите во различните европски земји се поврзани. Ројтерс наведува дека истражувачите не успеале да го утврдат идентитетот на сторителите ниту да потврдат дали станува збор за координирана операција.