
Европската комисија го оцени како неприфатлив барањето за регистрација на граѓанската иницијатива „Акт за спасување на Европа“, насочена против имиграцијата, бидејќи е спротивна на вредностите на ЕУ, но ја регистрираше иницијативата за слободен интернет.
Во иницијативата „Акт за спасување на Европа“, Комисијата се повикува да „ѝ предложи на Унијата акт со кој се воспоставува привремен мораториум за нови имигранти од земји кои не се од Западот, вклучувајќи визи за студирање и спојување на семејства, со фундаментална реформа на системот за миграција и азил на ЕУ“.
Организаторите на иницијативата наведоа дека мораториумот треба да биде заснован врз „етничкиот и културниот континуитет на домородните народи на Европа“, наспроти она што го опишуваат како „демографска замена со незападни и неевропски“ мигранти.
Комисијата заклучи дека таа иницијатива не ги исполнува условите од Уредбата за Европска граѓанска иницијатива, со која се пропишува дека не смее очигледно да биде во спротивност со вредностите од Договорот и Повелбата на ЕУ за основните права.
„Иницијативата мора да содржи вистински предлог, а не да се користи како средство за навредливи и карикатурални пораки“, образложи Комисијата и наведе дека критериумот за предложениот мораториум би претставувал дискриминација по основа на раса или етничко потекло, па така иницијативата не може да биде регистрирана.
Истовремено, Комисијата ја регистрираше иницијативата „Стоп за убивањето на интернетот: Не за дигиталниот ИД и проверката на возраста“, и нејзините организатори сега имаат шест месеци да го отворат 12-месечниот период за собирање потписи.
Организаторите на таа иницијатива ја повикуваат Комисијата да предложи „законодавство кое ќе обезбеди системите за дигитален идентитет и проверка на возраста, кои се користат за пристап до онлајн услуги во Унијата, да останат доброволни, да ја штитат приватноста и да не бидат дискриминаторски“.
Институтот „Европска граѓанска иницијатива“ е воведен со Лисабонскиот договор и официјално е стартуван во април 2012 година. Оттогаш се регистрирани 135 иницијативи.
Регистрацијата на иницијативата овозможува најмалку еден милион граѓани од најмалку седум земји членки на ЕУ да ја повикаат Комисијата да предложи правен акт во областа на која се однесува, но самата регистрација не влијае врз конечната одлука на Комисијата.