На годишното собрание на Европската слободна алијанса едногласно е усвоена декларација со која од Бугарија се бара формално извинување за злосторствата врз македонското малцинство за време на комунистичкото владеење, како и спроведување на 14-те случаи пред Европскиот суд за човекови права поврзани со регистрацијата на македонски организации во Бугарија, наведено е во извештајот на ЕФА.

Во декларацијата се оценува дека македонското малцинство во Бугарија се соочува со една од најсериозните кризи на човековите права во рамките на Европската Унија.

Според Европската слободна алијанса, системската репресија и етничкото негирање со кои се соочуваат Македонците во Бугарија се директно продолжение на политиките на денационализација започнати во времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков.

Во документот се наведува дека уште во 1963 година политиката на негирање на постоењето на македонско малцинство била централен дел од процесите на присилна асимилација на малцинствата во рамките на концептот за „единствена бугарска социјалистичка нација“.

Од ЕФА посочуваат дека македонските заедници и денес се соочуваат со исклучувачка реторика од современи бугарски политичари, слична на онаа од времето на Живков, според која „Македонците не смеат и не можат да постојат“.

ЕФА, односно „European Free Alliance“, не е институција на Европската Унија, туку призната европска политичка партија. Таа е политичко семејство составено од партии што претставуваат региони, малцинства, народи без држава и движења што бараат поголема самоуправа, културни права и заштита на јазичната и идентитетската различност во Европа.

На официјалната страница, ЕФА се претставува како алијанса што го брани правото на самоопределување, демократијата, децентрализацијата и културната разновидност. Во неа членуваат партии од различни европски земји, меѓу кои шкотски, каталонски, фламански, баскиски, корзикански, фризиски, војводински и други регионални и малцински политички организации.

За македонскиот контекст е важно што меѓу членките на ЕФА се наведени и ОМО Илинден-ПИРИН од Бугарија и Македонска алијанса за европска интеграција од Албанија. Тоа значи дека темата за Македонците надвор од границите на Македонија не е нова за оваа организација, туку дел од нејзината поширока агенда за малцински права.