
Седумдесетгодишен државјанин на Германија го загубил животот по пад за време на планинарење на Јулиските Алпи во Словенија.
Според првичните информации, несреќата се случила кога тој се обидел да се приближи до работ на помала провалија за да направи фотографија, објави порталот „24ur.com“.
Како што соопшти Полициската управа Крањ, планинарот изгубил рамнотежа и паднал околу 30 метри по стрмна падина. При падот се здобил со тешки повреди на главата, од кои починал на местото на несреќата. Иако бил соодветно опремен за престој во планина, повредите биле смртоносни.
Пријавата за несреќата била добиена во Регионалниот центар за известување Крањ во понеделникот околу 16 часот, по што веднаш биле испратени припадници на Планинската спасителна служба од Мојстрана, како и дежурна хеликоптерска екипа на Словенечката планинска спасителна служба во соработка со полицијата. Хеликоптерот потоа го пренел телото на починатиот во долината.
Увид на местото на трагедијата извршил припадник на планинската полициска единица, а полицијата продолжува да ги утврдува сите околности што довеле до несреќата.
Надлежните повторно апелираат до сите љубители на планинарењето пред тргнување да ги проверат условите на теренот, внимателно да ја испланираат маршрутата според своите способности и да бидат особено внимателни, бидејќи условите во планините можат да бидат непредвидливи и опасни.
The post ЕДНО СЕЛФИ ГО ЧИНЕШЕ ЖИВОТ Германец падна во провалија на Јулиските Алпи во Словенија appeared first on plusinfo.mk.