Осум држави од северот на Европа и Балтикот: Украина мора што побрзо во ЕУ и НАТО

Лидерите на осум нордиски и балтички земји во вторникот од регионалниот собир во Талин испратија порака за поддршка на „неповратниот пат“ на Украина кон НАТО и за пристапување на Киев во Европската Унија „во најкус можен рок“.

Лидерите на Шведска, Норвешка, Финска, Данска, Исланд, Литванија, Латвија и Естонија се собраа во Талин во присуство на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Украина е стратешки безбедносен партнер на НАТО, кој директно придонесува за евроатлантската безбедност благодарение на своето искуство од бојното поле, технолошките иновации и индустриските капацитети“, стои во заедничката изјава на осумтемина лидери.

Тие ја нагласија својата поддршка за Украина „на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатлантска интеграција, што го вклучува и членството во НАТО“.

Лидерите го поздравија очекуваното учество на Украина на претстојниот самит на НАТО, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара.

Новиот латвиски премиер Андрис Кулбергс на маргините на собирот потпиша договор за одбранбена соработка со Зеленски, кој на неговата земја ѝ отвора пристап до украинските искуства во заштитата на воздушниот простор од дронови.

Латвија и другите две балтички земји, поранешни советски републики, со недели бележат сè поголем број упади и падови на беспилотни летала на својата територија.

Приклучувајќи се на самитот преку видеоврска, францускиот претседател Емануел Макрон потсети на „континуираната посветеност на Франција“, особено преку военото присуство на истокот од континентот.

Во понеделникот, француски борбени авиони „Rafale“ во составот на НАТО, стационирани во балтичките земји, соборија залутан дрон над латвиска територија.

Макрон тврди дека Русија во Украина се соочува со „неуспех“, пренесува Франс прес.

„Тоа покажува дека нејзините територијални и стратешки претензии се залудни. Сепак, таа истрајува во провоцирањето на своите соседи во обид да излезе од слепата улица.“

„Ќе се соочиме со тоа, заедно“, заклучи францускиот претседател.