
Европската централна банка (ЕЦБ) се подготвува да ги подигне каматните стапки за првпат од 2023 година, бидејќи веќе не може да го игнорира растот на инфлацијата предизвикан од војната во Иран.
Со оглед на тоа што конфликтот веќе повеќе од три месеци ги одржува цените на нафтата на високо ниво, економистите анкетирани од Bloomberg предвидуваат дека каматната стапка на депозитите ќе биде зголемена за четвртина процентен поен, односно на 2,25 отсто. Со ова, ЕЦБ би станала првата голема централна банка во светот која ги подигнала каматните стапки како одговор на војната, наведува Блумберг.
Слично како и нивните колеги во САД и Велика Британија, креаторите на монетарната политика во еврозоната чекаа со надеж дека најновиот бран на инфлација ќе се покаже како привремен. Меѓутоа, бидејќи мировните преговори слабо напредуваат, а цените надвор од енергетскиот сектор постепено растат, сè поголеми се очекувањата дека официјалните претставници на еврозоната ќе мора во повеќе наврати да ја затегнуваат монетарната политика во текот на оваа година.
Новите тримесечни прогнози најверојатно ќе покажат дека инфлацијата, која во мај достигна 3,2 отсто, ќе продолжи да забрзува. Аналитичарите предвидуваат значителни корекции нагоре за оваа и за следната година, како и за внимателно следените базични инфлаторни притисоци.
Меѓутоа, тие прогнози треба да се споредат со показателите дека и онака слабиот економски раст дополнително забавува. Анкетите укажаа на пад на деловната активност во мај, што покрена прашања кај некои аналитичари за тоа колку нагло можат да пораснат трошоците за задолжување без притоа да предизвикаат рецесија.
„ЕЦБ очигледно се двоуми помеѓу тоа и фактот дека инфлацијата расте. Кризата која трае на Блискиот Исток и нејзиното влијание врз енергетските пазари сега делуваат како нешто што ќе трае значително подолго отколку што претходно се проценуваше“, изјави за Блумберг Ема Мориарти, портфолио-менаџер во „CG Asset Management“.
По четврток, инвеститорите сметаат дека ЕЦБ уште најмалку еднаш оваа година ќе ги зголеми каматните стапки, доведувајќи ги до горната граница на опсегот што се смета за неутрален за економијата. Тоа би наликувало на „одмерено прилагодување“ кое, според зборовите на Кристин Лагард, би можело да биде потребно како одговор на значително, но не и премногу упорно надминување на таргетираното ниво на инфлација.
Оваа недела, ваквиот потег на централната банка отворено го најавија дури и повнимателните членови на Управниот совет. Гедиминас Шимкус беше најдиректен, оценувајќи дека новото зголемување на каматните стапки е „поверојатно отколку пауза“.
Кристин Лагард најверојатно ќе остане воздржана во своите изјави, нагласувајќи го вообичаениот фокус врз економските податоци. Сепак, таа ќе внимава да не остави впечаток на самозадоволство и ќе продолжи да повикува на претпазливост, бидејќи официјалните лица на априлскиот состанок заклучија дека тоа е неопходно.
Новите проекции веројатно ќе содржат значителни ревизии. Аналитичарите анкетирани од Блумберг очекуваат дека ЕЦБ ќе ги зголеми своите прогнози за инфлацијата за 2026 и 2027 година, додека истовремено ќе ги намали проценките за економскиот раст.
Тоа делумно е последица на цените на нафтата, за кои сега се очекува да останат високи подолго отколку што се претпоставуваше кога изби војната со Иран. Истовремено, пазарите сега пресметуваат посилно затегнување на монетарната политика отколку во март, што исто така ќе влијае врз вкупните економски услови.
На крајот на проекцискиот период, во 2028 година, инфлацијата и понатаму би можела да биде блиску до таргетираните два отсто.
Економскиот раст претставува посложено прашање. Падот на бруто-домашниот производ од 0,2 отсто во првото тримесечје беше значително полош од проценките на ЕЦБ во март, главно поради нестабилните статистички податоци од Ирска. Меѓутоа, тој податок беше објавен дури на 5 јуни, што веројатно е премногу доцна за да биде вклучен во новите проекции.
Исто како и минатиот пат, ЕЦБ би можела да претстави алтернативни сценарија кои детално опишуваат што би можело да се случи доколку трошоците за енергија се покажат повисоки од претпоставените во основното сценарио.
Нови лица
Кристин Лагард својата прес-конференција ќе ја одржи заедно со новиот заменик, Борис Вујчиќ, кој месецов стана потпретседател на ЕЦБ. На таа функција тој го наследи Луис де Гиндос, кој во претходните осум години одговараше на прашањата поврзани со финансиската стабилност и банкарскиот сектор.
Во Управниот совет, кој брои 27 членови, исто така има нови имиња. Меѓу нив е гувернерот на Франција, Емануел Мулен, кој месецов го наследи Франсоа Вилерој де Гало, како и Ило Каасик од Естонија, кој ја презеде должноста од Мадис Милер, пренесува Блумберг.