
Европската централна банка (ЕЦБ) се наоѓа пред една од најтешките одлуки во последните години. По наглиот раст на цените на енергентите предизвикан од војната меѓу САД и Иран, сè побројни се сигналите дека ЕЦБ би можела да ги подигне каматните стапки уште оваа недела. Меѓутоа, многу економисти предупредуваат дека таквиот потег би можел да биде сериозна грешка, бидејќи европската економија веќе покажува знаци на забавување, а инфлацискиот шок можеби нема да трае доволно долго за да го оправда новото заострување на монетарната политика.
Главниот аргумент на приврзаниците за зголемување на каматите е зачувувањето на кредибилитетот на ЕЦБ во борбата против инфлацијата. Инфлацијата во еврозоната достигна 3,2 отсто, што е значително над таргетираните два отсто, додека расте и таканаречената базична инфлација, која ги исклучува енергијата и храната. Официјалните лица на ЕЦБ стравуваат дека растот на цените на енергентите би можел да се прелие и врз другите делови од економијата, преку повисоки цени на услугите, стоките и барањата за зголемување на платите. Поради тоа, одредени членови на Советот на ЕЦБ сметаат дека е неопходно да се реагира пред инфлациските очекувања дополнително да се зацврстат, пренесува „Блумберг“.
Сепак, противниците на зголемувањето на каматите предупредуваат дека моменталната ситуација не е иста како во 2022 година по почетокот на војната во Украина. Тие нагласуваат дека сè уште нема јасни докази дека повисоките цени на енергијата се претвориле во траен инфлациски проблем. Растот на платите останува релативно умерен, а дел од економистите сметаат дека зголемувањето на базичната инфлација може да биде последица на други фактори, а не само на енергетскиот шок. Поради тоа, тие оценуваат дека ЕЦБ би можела да почека уште неколку месеци и да собере повеќе податоци пред да донесе толку важна одлука.
Посебно често се споменуваат историските грешки на ЕЦБ од 2008 и 2011 година. Тогаш централната банка ги зголемуваше каматите поради растот на цените на нафтата и на суровините, за набрзо потоа да биде принудена да го смени курсот кога избија финансиската и должничката криза. Многу економисти предупредуваат кое понатаму дека слично сценарио би можело да се повтори доколку ЕЦБ сега реагира премногу агресивно, додека европската економија веќе покажува знаци на слабост. Економската активност опаѓа, особено во Франција, додека најновите податоци покажаа дека економијата на еврозоната на почетокот на годината всушност забележала благ пад.
Дополнителна дилема создава фактот што ЕЦБ во моментов зазема значително поостар став од другите големи централни банки. Додека ЕЦБ размислува за подигнување на каматите, американските Федерални резерви (ФЕД) главно чекаат за да видат какви долгорочни последици ќе остави блискоисточниот конфликт. Меѓутоа, дел од европските претставници сметаат дека токму искуството од периодот 2021–2022 година покажува колку може да биде опасно предолго да се чека, бидејќи тогаш инфлацијата излезе од контрола пред ЕЦБ воопшто да почне да реагира, пренесува „Бизнис.рс“.
Пазарите во моментов очекуваат ЕЦБ годинава да ги подигне каматните стапки двапати за по четвртина процентен поен. Сепак, повеќето аналитичари сметаат кое дека евентуалното зголемување би требало да биде претставено како еднократна превентивна мерка, а не како почеток на нов циклус на заострување. Многумина дури проценуваат дека ЕЦБ во текот на 2027 година би можела повторно да ги намалува каматите доколку се покаже дека сегашниот раст на инфлацијата е привремен и дека европската економија продолжува да слабее. Поради тоа, најголемото внимание на пазарите ќе биде насочено не само кон самата одлука за каматите, туку и кон пораките што ќе ги испрати претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, за идните потези на централната банка.