
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД Скопје за 2024 година. Со извршената ревизија утврдени се состојби кои влијаат на работењето на друштвото и начинот на користење на јавните средства.
Утврдена е состојба која се однесува на материјалните средства во подготовка кои во износ од 118.016 илјади денари или 1.913.000 евра се однесуваат на завршена градба од прва категорија “Реконструкција и адаптација на работилници за одржување на железнички возила” .
И покрај обезбедени сите потребни документи (дозволи за градба и одобрение за употреба) од надлежниот орган и повеќегодишно користење на работилниците за извршување на редовните работни процеси, во трговските книги на друштвото не е евидентирана како недвижност и за истата не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период во износ од 11.407 илјади денари и во тековната 2024 година во износ од 2.950 илјади денари, што влијание на финансискиот резултат на друштвото.
Реконструкцијата е составен дел на “Проектот за обнова на возен парк на Македонски Железници АД Скопје” , финансиран од кредитот од ЕБОР, преку кој набавени се нови триделни дизел –моторни гарнитури и триделни електро – моторни гарнитури за патнички сообраќај, 150 нови вагони (75 плато и 75 отворени).
Исто така, обезбедени се и средства за рехабилитација на електрични локомотиви. Но, и покрај набавката, стручните лица во друштвото укажуваат на застарен возен парк, со старост поголема од 40 години , наведувајќи дека од 1.382 товарни вагони само 378 се со важечка ревизија (способни за сообраќај), а со истечена ревизија (надвор од сообраќај ) се 1.004 товарни вагони.
Друштвото располага со 62 локомотиви од кои во функција се само 9, како и 16 патнички гарнитури од кои во функција се 5 и 47 патнички вагони од кои 2 се во редовен сообраќај и се користат за извршување на превоз на патници. За извршување на планираниот обем на работа и возниот ред потребно е друштвото да располага со исправни влечни и влечени капацитети, чија состојбата е на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Причините за тековната состојба на влечните капацитети се должат на старосната структура на капацитетите и ненавремените инвестиции во средни и големи поправки поради недоволните финансиски средства, нередовните инвестиции во резервни делови и обнова на возниот парк.
Старосната структура на влечните капацитети го оптоварува експлоатациониот процес, ја зголемува потрошувачката на енергенсите и ги зголемува празните возења на истите. Со извршениот увид во трговските книги, утврдено е дека за евидентираните стопански згради и сообраќајни објекти друштвото не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост и не е направено поврзување на обезбедените имотни листови со евидентираните средства.
Ревизијата утврдила и неправилности во управувањето со залихите. Дури 71 отсто од нив, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, се постари од 2019 година, а на крајот на пресметковниот период не било извршено нивно вредносно усогласување.
Слабости се констатирани и при управувањето со нафтените деривати. Ракувањето со горивото при прием и издавање било несоодветно и небезбедно, додека опремата за мерење е застарена, импровизирана и подложна на манипулации. Дополнително, пумпите за полнење возила подолг период не биле верификувани, односно баждарени.
ДЗР посочува дека друштвото не ги подмирувало навремено доспеаните обврски, туку поднесувало приговори на решенијата за платни налози, со што се пролонгирале судските постапки и се зголемувале обврските за главен долг, камати и судски трошоци.
Ревизорите утврдиле и дека, и покрај правосилно завршените судски постапки и високата веројатност за одлив на економски ресурси во износ од 260,9 милиони денари или околу 4,2 милиони евра, друштвото не извршило резервирање средства согласно Меѓународниот сметководствен стандард 37. Поради тоа, обврските, трошоците и финансискиот резултат не биле реално и објективно прикажани во финансиските извештаи.
Недоволна контрола била утврдена и врз потрошувачката на вода. Фактурите за 2024 година изнесувале 5,47 милиони денари, а ревизијата констатирала прекумерна потрошувачка, несоодветна за административни и услужни дејности. Посочени се и помалку искажани приходи од услуги за користење локомотиви, како и вршење услуги без јасно утврдени и важечки договори и без редовно ажурирана ценовна политика.