
„Победата на кандидатот на ДУИ, односно НАИ, во Брвеница е резултат, пред сè, на погрешниот политички пристап на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ“, смета политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Зуди Џелили за пресвртот во Општина Брвеница по првиот круг и победата на Аркин Јахији на изборите за градоначалник.
Според Џелили, Мицкоски дојде на власт со националистичка реторика и ставови кои често беа перципирани како антиалбански.
-За една десноориентирана националистичка партија, таквата реторика може да се разбере како дел од нејзината политичка стратегија. Но, откако ја презеде одговорноста за управување со државата, требаше да покаже дека може да изгради искрено партнерство со албанските политички партии.
Наместо тоа, почна да се однесува доминантно, веројатно охрабрен од поголемиот број пратенички мандати, без потребната почит кон албанските партнери во Владата. Истовремено, почна да оспорува и одредени достигнувања на Албанците, веројатно сметајќи дека со таква реторика ќе стане херој во очите на македонскиот електорат. Но, како што изјави и самиот по изборите: „Во Брвеница победи демографијата, албанскиот национализам и Тројанци. ВМРО остана сама против сите“, вели Џелили во разговор за „Локално“.
Следствено, соговорникот истакнува дека се поставува прашањето: зошто останаа сами? Според него, односите меѓу владините партнери и досега беа нестабилни.
-Функционерите на ВЛЕН се соочуваа со ограничувања во своето дејствување и во јавните настапи. Премиерот во неколку наврати јавно ги критикуваше, па дури и ги понижуваше.
Само тие знаат како успеваат да ја издржат таквата политичка состојба. Се разбира, ова не се однесува подеднакво на Касами и Меџити, но другите функционери на ВЛЕН очигледно немаат доволно слобода во дејствувањето за посилно да се ангажираат во заштитата на правата и интересите на граѓаните што ги претставуваат, оценува аналитичарот.
Од друга страна, додава Џелили, кај Албанците не постои позитивна перцепција за ВМРО-ДПМНЕ, особено кога станува збор за односот кон нив како рамноправни граѓани на оваа држава. Вели досега не се покажани конкретни резултати што би ја потврдиле определбата на оваа партија да биде државотворна партија на сите граѓани.
-Напротив, со оспорувањето на одредени права и достигнувања на Албанците; Јазикот, еднаквата застапеност, Бадинтер,децентрализацијата,и многу други права, со вакво однесување се враќаме кон политичките состојби од минатото, што не е добро ниту за меѓуетничките односи, ниту за стабилноста на државата. Со ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ, која се карактеризира со некоректен однос кон владиниот партнер ВЛЕН и непријателски однос кон албанската опозиција, се создава политичка атмосфера која може да предизвика слични реакции и во другите општини и поголемо незадоволство, наведува соговорникот.
Џелили оценува дека резултатот во Брвеница треба да биде сериозна политичка опомена. Како што вели, притисоците врз политичките партнери, заканите кон опозицијата и потценувањето на политичката волја на Албанците не можат да бидат основа за стабилни политички односи.
-ВМРО-ДПМНЕ треба да разбере дека партнерството не значи потчинетост, а соработката не може да се гради без меѓусебна почит и рамноправност. Во овој контекст, и ВЛЕН треба да покаже поголема политичка самостојност и доследност во застапувањето на интересите на граѓаните што ги претставува. Брвеница покажа дека политичките односи не можат да се градат само врз основа на бројот на мандати, туку пред сè врз основа на довербата, почитта и одговорноста кон граѓаните. И на крајот многу битни се реформите, флексибилноста во односите со соседите и потезите што ќе ги повлече Владата за пристапните преговори кон ЕУ, заклучува поранешниот пратеник во македонското Собрание.