Во рамки на караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, Движењето ЗНАМ денеска во Струмица одржа панел-дискусија на која беа презентирани ставовите на партијата за актуелните политички состојби, реформите во јавната администрација и развојот на земјоделството.

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во своето обраќање оцени дека на Македонија ѝ се потребни политики кои ќе бидат во интерес на граѓаните, а не на поединци и привилегирани структури. Тој порача дека политиката треба да служи на народот и дека довербата треба да се гради преку конкретни резултати, а не преку функции.

Димитриевски истакна дека Движењето ЗНАМ е формирано како алтернатива на, како што рече, долгогодишните политички практики кои создавале разочарување кај граѓаните, нагласувајќи дека партијата се залага за транспарентност, одговорност и работа во интерес на државата.

На панел-дискусијата говореше и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој ги претстави реформите насочени кон професионализација и департизација на јавната администрација. Според него, институциите треба да бидат ефикасен сервис на граѓаните, а воспоставувањето мерит-систем и современи стандарди во работењето се клучни за подобро функционирање на јавниот сектор.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски истакна дека Струмичкиот регион има голем земјоделски потенцијал и заслужува континуирана државна поддршка. Тој рече дека земјоделството треба да биде стратешки приоритет преку политики што ќе обезбедат сигурен пласман, фер услови за производителите и модернизација на производството.

Од Движењето ЗНАМ порачаа дека ќе продолжат со средби и директни разговори со граѓаните, промовирајќи политики засновани на, како што наведуваат, одговорност, конкретни резултати и европска перспектива за државата.

The post Движењето ЗНАМ од Струмица порача: На Македонија ѝ се потребни политики со резултати, а не привилегии appeared first on Radio StrumicaNet.