
Самостојното живеење не смее да биде еднакво на институционална невидливост, вели дипломираниот криминолог Дејана Спасовска, по последниот случај на убиства на повозрасни лица кои живееле во скопската општина Ѓорче Петров. Таа за „Локално“ изјави дека самостојното живеење не е само по себе фактор.
-Би го поставила прашањето пошироко, не само во однос на лица кои живеат сами, туку и во однос на нивната социјална изолација и изложеност на ризик. Самостојното живеење не смее да биде еднакво на институционална невидливост. Истото не е само по себе фактор за виктимизација. Секој од нас, без разлика на возраста може да стане жртва на криминално дело, вели Спасовска.
Таа појаснува дека сите ние имаме одредени секојдневни рутини, навики и предвидливи движења.
-Во исто време одиме и се враќаме од работа, ги користиме истите улици и места, вежбање во одреден дел од денот, шетање на куче. Токму таа предвидливост може да не направи поранливи доколку сме предмет на следење или демнење, објаснува Спасовска.
Според неа, понекогаш е доволна само погодна ситуација за сторителот да ја искористи можноста и да го изврши кривичното дело.
-Но, кај одредени граѓани особен повозрасните лица кога има отсуство на блиска семејна или социјална поддршка може да ја зголеми ранливоста. Тука се поставува прашањето дали институциите имаат механизми за препознавање на овие лица и дали има координација меѓу институциите како полиција, социјални.служби и други, вели Спасовска.
Од криминалистички аспект, како што објаснува соговорничката, е важно да се види дали во конретните случаи претходно имало пријави до полицијата.
-Акцентот се става на институционалната реакција и дали биле пропуштени некои сигнали за опасност. Од криминалистички аспект е важно да се провери дали постојат претходни пријави кои се евидентираат и поврзуваат, дали секоја пријава е само по себе изолиран инцидент или се анализира историја на насилство. Исто така треба да се види дали има повторувачки закани, ескалација на конфликтот, дали воопшто се прави процена на ризик и се постапува соодветно кога има индикации дека ситуацијата може да ескалира, вели Спасовска.
Таа смета дека пријавата сама по себе не е доволна, доколку ризикот не се процени соодветно и дека треба поголема институционална координација, примена на конкретни заштитни мерки.
-Важно да се напомене дека возраста и самостојното живеење не треба автоматски да бидат третирани како показатели за опасност туку како околности кои се разгледуваат заедно со конкретните индикатори за ризик. Тука повеќе се работи за индивидуална процена на ризик. Повеќе би се насочила кон индивидуална процена каде во предвид треба да се земат социјалната изолација и отсуство на блиски лица, дали лицето било жртва на вознемирувања, заплашувања, претходни закани, дали лицето е зависно од други лица кога станува збор за секојдневно функционирање, дали може брзо и безбедно да побара помош, појаснува Спасовска.
Таа вели дека од криминолошки аспект не е важна само брзината на пристигнување на полицијата туку и квалитетната проценка на ризик, дури и како најважен дел, сериозноста со која се третира пријавата и мерките кои се превземаат во конкретниот случај.
За тоа дали во Скопје има доволно механизми за пријавување сомнително однесување, информира дека формално граѓаните можат да пријават сомнителни појави преку 192, 112 како и во најблиската пол.станица.
-Прашањето е дали овие механизми се доволно достапни, дали граѓаните имаат доверба и дали ќе следи соодветна реакција по пријавата. По убиствата МВР ги посочи баш броевите 192 и 112 како канали за пријавување, а ја нагласи и потребата од соработка помеѓу центрите за социјална работа, здравствени установи и др, вели Спасовска.
Таа тука го спомнува и соседското набљудување, односно информациите со кои соседите располагаат како и нивната солидарност.
-Скопје се соочува со интензивна урбанизација, зголемен сообраќај, пренаселеност. Овие промени носат дополнителни проблеми пример секојдневието ни покажува дека пристапноста на интервентно возило во одредени делови е проблем. Во однос на соседските односи кога има голема флуктација на население може да се намали неформалната социјална контрола, вели Спасовска.
Според неа, проблем е нееднаква распределба на безбедносните ресурси и дека треба да се провери како се распределуваат ресурсите и дали е тоа соодветно според ризици и демографија.
Таа како криминолог смета дека недостига посилен превентивен пристап односно систем кој нема да чека да се случи кривично дело за да реагира.
-Сметам дека треба да се мапираат ранливите категории на лица, тоа се оние на кои им е потребна дополнителна заштита и поддршка секако со почитување на нивната приватност. Редовни превентивни посети како и институционална координација и соработка меѓу социјални служби, полиција и други., процена на ризик, зајакнување на позорничката служба како многу важен сегмент преку кој ќе се воспоставува непосреден контакт помеѓу полицијата и населението и едукација на граѓаните да препознаат ризик, навремено да делуваат и пријават и да ги знаат механизмите кои можат да им обезбедат помош, вели Спасовска.
Оценува дека е потребна е проактивна, а не само реактивна полиција и дека безбедноста на еден град не зависи само од бројот на полициски службеници.
-Безбедносниот систем треба да е прилагоден на демографијата, социјалните и просторни промени во градот. Она што сметам дека треба да се извлече како поука од трагичните настани во Ѓорче Петров и Хром е дека безбедноста не смее да се третира само како прашање на полициска реакција по извршено кривично дело, вели Спасосовска.
Според неа, акцентот треба да се стави на превенцијата, препознавањето на ризикот и заштитата на потенцијалните жртви особено како што се повозрасните лица, лица кои живеат сами, лица со нарушено здравје кои немаат социјална поддршка.
-Ефикасноста на системот во една држава не е само колку брзо ќе реагира полицијата откако делото ќе биде сторено туку според тоа колку институциите работат координирано, навремено и ефикасно во целта да спречат некое лице воопшто да стане жртва. Значи суштината е посилно поврзување и соработка меѓу институции, соодветно едуцирани лица кои ќе ја работат оваа проблематика како и поразвиена култура на превенција и меѓусебна грижа во општеството, посочува криминологот.

Фото: Фејсбук/МВР
Министерството за внатрешни работи за случаите во Ѓорче Петров уапси четврица, за кои по барање на Обвинителството на два наврати им одредуваше краткотраен притвор, а вчера им беше одреден притвор од еден месец.
Од МВР за „Локално“ велат дека во рамки на своите законски надлежности, континуирано преземаат мерки и активности за заштита на животот, личната сигурност и имотот на сите граѓани, со посебно внимание кон ранливите категории, меѓу кои се и повозрасните лица, особено оние што живеат сами.
-Проценката на ризикот се врши врз основа на конкретните околности, претходно пријавени закани, случаи на насилство, сомнителни активности, како и други информации што можат да укажат на потенцијална загрозеност на безбедноста на одредено лице. Притоа, полициските службеници постапуваат согласно законските овластувања и воспоставените процедури, соопштија од ресорот полиција.
Од Министерството нагласуваат дека е важно да се нагласи дека заштитата на повозрасните лица не е исклучиво во надлежност на полицијата, туку бара координиран и мултисекторски пристап, со центрите за социјална работа, здравствените установи, локалната самоуправа и другите надлежни институции.
-МВР континуирано работи на унапредување на превентивното дејствување, навременото препознавање на безбедносните ризици и зајакнување на соработката со граѓаните, со цел спречување на кривични дела и зголемување на личната сигурност на ранливите категории граѓани.Постапуваме по сите примени пријави за закани, насилство и други облици на загрозување на личната безбедност, согласно законските надлежности и утврдените процедури, велат од МВР.
Од Министерството појаснуваат дека секоја пријава се разгледува врз основа на конкретните околности, сериозноста на заканата и расположливите информации, при што се преземаат соодветни мерки за утврдување на фактичката состојба и заштита на потенцијално загрозените лица.
-Во случаи кога постојат основи на сомнение за сторено кривично дело, полициските службеници преземаат мерки за негово расветлување, обезбедување докази и известување на надлежното јавно обвинителство. Особено внимание се посветува на пријавите што укажуваат на непосредна опасност по животот и телесниот интегритет на граѓаните, како и на случаите во кои постои ризик од повторување или ескалација на насилството, велат од МВР.
МВР нагласува дека навременото пријавување на секоја закана или насилно однесување е од исклучително значење за ефикасно превентивно и оперативно постапување на полицијата.
-При добиена пријава за насилство, закана или непосредно загрозување на животот и безбедноста на граѓаните, полициските службеници постапуваат веднаш, согласно утврдените оперативни процедури и проценката на степенот на ризик. Пријавите што укажуваат на непосредна опасност по животот и здравјето имаат приоритет во постапувањето, велат од МВР.
Полициските службеници, како што објаснуват од МВР, по пристигнувањето на местото на настанот, полициските службеници преземаат мерки за: спречување на понатамошно насилство и заштита на загрозените лица, утврдување на фактичката состојба и идентификација на инволвираните лица, обезбедување на местото на настанот и прибирање релевантни информации и докази, обезбедување медицинска помош доколку за тоа постои потреба. Од Министерството велат дека се праќа известување и се врши координација со надлежното јавно обвинителство и другите институции, согласно природата на случајот.
-На граѓаните им се достапни повеќе механизми за пријавување сомнително однесување, закани, насилство и други безбедносни ризици, вклучително и преку телефонскиот број 192, единствениот број за итни случаи 112, како и пријава во најблиската полициска станица, велат од МВР и додаваат дека полицијата прави превентивни обиколки, патролни активности и оперативни мерки за навремено откривање и спречување кривични дела.
На превенција, како што велат од МВР работат и преку подигање на свеста кај граѓаните, особено кај повозрасната популација, за препознавање на потенцијалните опасности, заштита од измами, кражби и други кривични дела, како и за значењето на навременото пријавување сомнителни појави.
-Апелираме до граѓаните, особено до соседите и блиските лица на повозрасните граѓани што живеат сами, доколку забележат сомнителни активности, закани или околности што можат да укажуваат на загрозена безбедност, веднаш да пријават во полиција, соопштија од МВР.
Е.Б.