
„Самиот министер Горан Минчев изјави дека Законот за правична и соодветна застапеност може да биде донесен и со „мал Бадентер“, додека Изет Меџити беше принуден да ја повика албанската опозиција да го поддржи законот. Тоа е најјасниот доказ дека ВЛЕН нема етнички легитимитет, ги нема потребните гласови за законите што се носат со Бадентер, туку има само измами и клевети“, обвинуваат од ДУИ.
Според опозициската партија, наместо да одговори зошто законот не содржи обврзувачки механизми, санкции и гаранции за спроведување на правичната и соодветната застапеност, ВЛЕН се обидува да ја пренасочи дебатата со клевети и политички обвинувања кон ДУИ.
-ДУИ нема да гласа за закон што ја остава правичната застапеност на милост и немилост на методологиите што Владата ќе ги изработува post festum. Да се брани Охридскиот рамковен договор и уставните гаранции не е блокада, туку политичка и национална одговорност. Иронијата е што оние кои денес ја обвинуваат ДУИ за опструкција, се истите кои вчера ветуваа механизам посилен од Балансерот, а денес предлагаат закон послаб од Балансерот, истакнуваат од партијата на Али Ахмети.
Од ДУИ додаваат дека ВЛЕН не може да ја измами јавноста претставувајќи го одбивањето на еден недовршен и слаб закон како напад врз албанските интереси.
-Албанските интереси не се бранат со пропаганда ниту со клевети, туку со закони што нудат реални гаранции, правна сигурност и спроведливи механизми.
Доколку ВЛЕН верува дека нивниот закон е добар, нека го бранат пред граѓаните. Ако им се потребни гласовите на опозицијата за да му дадат политички легитимитет на еден неуспешен закон, тогаш проблемот не е во ДУИ, туку во недостатокот на доверба што сами го создадоа со неисполнетите ветувања и со слабостите на законот што го предлагаат, онака како што им го напиша Каракамишева, стои во партиското соопштение.