Владеачката партија ВЛЕН ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека го блокира Законот за правична застапеност и со тоа, според нив, дејствува спротивно на принципите на Охридскиот рамковен договор.

Во соопштението, од партијата оценуваат дека раководството на ДУИ, незадоволно од преминувањето во опозиција, презема чекори кои, како што велат, се на штета на интересите на Албанците.

„Али Ахмети го блокира Законот за правична застапеност, удирајќи врз еден од темелните столбови на Охридскиот рамковен договор. Зошто? Поради жедта за власт!“, наведуваат од ВЛЕН.

Од коалицијата тврдат дека во ДУИ се обидуваат да создадат впечаток дека правата на Албанците се загрозени само затоа што партијата повеќе не е дел од Владата. Според нив, ваквиот пристап има за цел да предизвика политичка нестабилност и да ја врати ДУИ на власт.

„Сакаат да создадат впечаток дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ не е дел од Владата. За нив, изгледа, Албанците имаат права само кога тие се на власт“, се вели во партиското соопштение.

Во продолжение, ВЛЕН упатува низа обвинувања кон ДУИ за, како што наведуваат, злоупотреба на европски средства, како и за повеќе случаи што, според нив, ја нарушиле довербата на граѓаните.

„Албанците еднаш веќе им ја покажаа вратата кон опозицијата. Ако продолжат да го блокираат Законот за правична застапеност и да дејствуваат против Охридскиот рамковен договор, ќе останат во опозиција уште многу долго“, порачуваат од ВЛЕН.