Коалицијата ВРЕДИ реагираше со остри обвинувања кон ДУИ, тврдејќи дека токму партијата на Али Ахмети сноси политичка одговорност за долгогодишниот проблем со полагањето на правосудниот испит на албански јазик.

Од ВРЕДИ наведуваат дека изјавите на шефицата на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, само го потврдиле она што, според нив, јавноста одамна требало да го знае – дека додека ДУИ била дел од власта, прашањето за албанскиот јазик во правосудниот испит не било третирано како вистински приоритет.

„ДУИ сама призна дека во периодот кога имала моќ да решава, не го решила ова прашање. Наместо да обезбеди целосна примена на албанскиот јазик, оставила законски празнини и недоречености кои денес создаваат последици“, порачуваат од коалицијата.

Според ВРЕДИ, проблемот настанал откако, и покрај донесувањето на Законот за употреба на јазиците, Законот за правосудниот испит не бил соодветно усогласен. Со тоа, како што велат, со години било овозможено кандидатите да го полагаат испитот само на македонски јазик.

Од коалицијата оценуваат дека денешните протести и јавни настапи на ДУИ на оваа тема се политичко лицемерие, бидејќи, според нив, партијата сега се обидува да се претстави како заштитник на проблем што самата го оставила зад себе.

„ДУИ протестира против сопствените пропусти. Тоа не е борба за студентите, туку обид за политичко спасување пред јавноста. Граѓаните, а особено младите правници, заслужуваат одговори зошто ова прашање не било решено додека ДУИ две децении беше дел од власта“, велат од ВРЕДИ.

Коалицијата тврди дека актуелната власт го отвора патот правосудниот испит за првпат да може да се полага и на албански јазик, оценувајќи дека станува збор за исправка на долгогодишна неправда и институционален пропуст.

Од ВРЕДИ додаваат дека нивна обврска е да ги коригираат, како што велат, штетните политики, половичните решенија и занемарените прашања што останале од претходното владеење на ДУИ.

The post ДУИ ФАТЕНА ВО СОПСТВЕНАТА СТАПИЦА: КОЈ ЈА ПРОДАДЕ БОРБАТА ЗА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК? appeared first on Politika.