
Демократската унија за интеграција уште еднаш го повикува градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски да го отстрани, како што велат, незаконскиот билборд за добредојде на влезот на Скопје и да го замени со билборд што целосно ги почитува законските обврски за употреба на албанскиот јазик.
Според ДУИ, и покрај бројните реакции на граѓаните и јавноста, Град Скопје продолжува да ја игнорира двојазичноста и мултиетничкиот карактер на главниот град. Оттаму велат дека исклучувањето на албанскиот јазик од официјален билборд не претставува само прекршување на законот, туку и постапка што создава чувство на исклученост и предизвикува непотребни меѓуетнички тензии.
-ДУИ нема да дозволи почитувањето на албанскиот јазик да зависи од политичката волја на еден поединец. Поради тоа, ќе поведеме правна постапка пред надлежните институции за утврдување и санкционирање на ова прекршување.
Сепак, почитувајќи ја реакцијата на граѓаните и потребата од зачувување на соживотот, уште еднаш го повикуваме градоначалникот на Скопје да постапи одговорно, да го почитува законот и да не создава поделби, омраза и меѓуетнички тензии во главниот град.
Скопје им припаѓа на сите негови граѓани. Албанскиот јазик не е привилегија ниту декорација, туку право загарантирано со закон, стои во партиското соопштение.
Градот експресно го промени првичниот билборд кој содржеше серија на драстични технички аномалии, меѓу кои највпечатлив беше култниот коњ Букефал од споменикот „Воин на коњ“, прикажан со дури пет нозе. Покрај ова, на промотивното пано Камениот мост изгледаше издолжен во недоглед, додека прикажаниот верски објект за граѓаните беше целосно непрепознатлив и според критиките повеќе наликуваше на белградскиот храм „Свети Сава“ отколку на некоја скопска црква.
На билбордот пишува на македонски и англиски јазик, „Добре дојдовте во Скопје“ и „Скопје ви посакува среќен пат“.