На косовските избори, трети предвремени во последните 16 месеци, учествуваа три коалиции, 17 партии и еден независен кандидат. Изборите ги одбележа голема апстиненција и одзив од само 36,88 отсто од вкупно 1.959.962 гласачи, што е за околу осум отсто помалку во споредба со претходните избори. Најголем одзив имало во српските средини, околу 50 отсто, јави Радио-телевизија Србија.

Членот на Претседателството на Српска листа, Игор Симиќ, изјави за белградската провладина комерцијална телевизија „Пинк“ дека Српска листа освоила 42.166 гласови, односно повеќе отколку на претходните парламентарни избори, и дека во српските средини има речиси 13 пати повеќе гласови од партијата „За слобода, правда и опстанок“ на нивниот сонародник Ненад Рашиќ.

Симиќ устврди дека „повторно се гледа местење“ од албанска страна со цел на Рашиќ да му се додадат гласови во општините каде што речиси и да нема Срби, како и дека власта во Приштина „повторно краде мандат од рацете на српскиот народ“ и „му го подарува на Рашиќ“, кого Српска листа го нарекува „Србинот на Курти“, имплицирајќи дека е наклонет кон власта на премиерот во технички мандат, Албин Курти.

Според извештаите на белградските и српските медиуми на Косово, изборите биле придружени со повремени инциденти на гласачките места, како и со апсење на двајца Срби кои се обвинуваат за наводно влијание врз гласачите и поддршка на Српска листа.

Косовската полиција денеска во Гораждевац, во близина на Пеќ, уапси двајца Срби поради сомнение дека наводно „се обиделе да влијаат врз слободната волја на гласачите“ и им е одредена мерка притвор од 48 часа.

Официјален Белград го оцени апсењето како „продолжение на континуираниот терор, застрашување и отворен политички прогон што режимот во Приштина го спроведува врз преостанатите Срби на Косово и Метохија“.

Потпретседателот на српската влада и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, денеска најостро го осуди апсењето, оценувајќи дека е „недопустливо вакви монтирани акции, кои вклучуваат и упади во семејни куќи и претреси на домови, свесно и таргетирано да се реализираат на самиот ден на изборите“, со цел „да се внесе страв и паника кај српското население и директно да се опструи нивното право на слободно изјаснување“.

Според соопштението на косовската полиција, изборите поминале „без поголеми инциденти“, но покренати се 17 кривични постапки поврзани со изборниот процес поради загрозување на тајноста на гласањето, уништување изборни документи, злоупотреба на правото на глас и давање или примање поткуп во врска со гласањето, при што се приведени вкупно пет лица, јави приштинскиот портал „Репортери.нет“