Патнички крузер со 238 лица се насука на реката Дунав во близина на романскиот град Салција, откако екстремно ниското ниво на водата го оневозможило неговото движење. Поради инцидентот, бугарската гранична полиција започнала евакуација на 186 патници од бродот „Викинг Улур“, кој плови под швајцарско знаме, додека 52 членови на екипажот останале на бродот.
Според бугарското Министерство за внатрешни работи, акцијата за евакуација започнала вчера попладне. Крузерот требало да се закотви во пристаништето Видин за снабдување, но поради долгото заглавување на него почнала да недостига вода за пиење.
Бродскиот агент ангажирал друг пловен објект за превоз на патниците, но тој не можел доволно да се доближи до насуканиот крузер. Поради тоа, припадници на бугарската гранична полиција со патролни чамци ги евакуирале патниците, кои биле облечени во елеци за спасување.
Крузерот испловил во понеделникот вечерта од романскиот град Дробета-Турну Северин кон Видин, но за време на пловидбата се заглавил во област со бројни песочни насипи.
Ниското ниво на Дунав и значително намалениот проток на реката, кој изнесува околу 1.600 кубни метри во секунда, го спречиле бродот да го продолжи патувањето.
И покрај неколкуте обиди во текот на вечерта и во вторникот наутро за негово ослободување, операцијата не дала резултат. Од пристанишните власти информирале дека во моментов шансите крузерот наскоро да биде извлечен се мали.
The post Драма на Дунав: Евакуирани 186 патници од заглавен крузер appeared first on Скопско ЕХО.