И покрај дождливото време, улиците на Струмица денеска беа исполнети со спортски дух, енергија и натпреварувачка атмосфера. Петтото издание на градската трка „Струмица на улица – Sunday Run 2026“ собра над 700 трчачи, кои приредија вистински спортски спектакл со одлични резултати и лични рекорди.

Посебно се истакна македонскиот репрезентативец Жан Тосев од АК Струмица, кој триумфираше во полумаратонската трка на 21 километар, поставувајќи нов личен рекорд со време од 1 час, 9 минути и 22 секунди. Со овој резултат Тосев се искачи на третото место на вечната листа на македонски полумаратонци, веднаш зад Дарио Ивановски и Трпе Мартиновски.

Натпреварувачите ги одмерија силите на три дистанци – 5, 10 и 21 километар, во машка и женска конкуренција, а дождот не беше пречка за постигнување одлични резултати.

Во полумаратонската трка, второто место во машка конкуренција го освои Мухахид Мислими од Ускана со време од 1:10:06, додека трет заврши Роберт Андоновски од АК Скопски Маратон со време од 1:18:22.

Во женска конкуренција победи Адријана Поп Арсова Рашиќ од АК Олимп, второпласирана беше Благица Јованова, додека третото место ѝ припадна на Марија Гинова од Премиум Ранерс, Радовиш.

На трката од 10 километри, најбрз во машка конкуренција беше Димитар Илиев од АК Олимп, со резултат од 35:00 минути. Второто место го освои Трајче Илиевски од АК Борец, Велес со време од 36:28, а трет заврши Сендрит Арифи од Ускана со време од 36:49.

Во женска конкуренција победи Марија Остојиќ од AKKA Run Club со време од 45:13 минути. Втора беше Снежана Димовска со 45:29, а трета Ирена Бицевска со резултат од 46:25 минути.

Во трката на 5 километри, во машка конкуренција триумфираше Григоријан Никовски од АК Олимп со време од 15:52 минути. Втор заврши Ибраим Мамудов со 16:18, додека трет беше Андреј Арсов од АК Скопски Маратон со време од 16:32 минути.

Во женска конкуренција најбрза беше Емили Иваноска од АК Скопски Маратон со резултат од 21:08 минути. Второто место го освои Ива Аџиоска, исто така од АК Скопски Маратон, со време од 22:36, додека третопласирана беше Христина Гиздовска со резултат од 22:59 минути.

Годинешното издание на „Струмица на улица – Sunday Run“ уште еднаш ја потврди растечката популарност на овој спортски настан, кој и покрај неповолните временски услови обедини стотици тркачи од различни атлетски клубови и градови, а беше одбележан и со значајниот резултат на струмичанецот Жан Тосев. /Р.Ѓ./

The post Дождот не ги запре тркачите на „Струмица на улица 2026“ – Жан Тосев со личен рекорд и трет најдобар резултат во историјата на македонскиот полумаратон appeared first on Radio StrumicaNet.