
По случајот со загадената вода во Гостивар, партијата ДОМ апелира дека дека слично такво катастрофално сценарио ни се заканува и на чекор од Скопје. Партијата бара итно решавање на опасноста од депонијата на „Југохром“ во Јегуновце.
-Системот мора конечно да дејствува превентивно, бидејќи заканата од шестовалентниот хром кон изворот Рашче е директна опасност за водоснабдувањето на главниот град. Шестовалентниот хром е исклучително токсична и канцерогена хемиска материја. Изворот Рашче е главниот извор на вода за пиење за цело Скопје. Реакција „пост-фестум“ тука би значела катастрофа за стотици илјади граѓани, велат од ДОМ.
Бараат институциите да ги преземат сите потребни мерки, бидејќи питката вода е стратешки интерес број еден.
-Кога станува збор за заштита на нашите ресурси, гласот на граѓаните и политичкото дејствување неопходно е да одат чекор во чекор, стои во партиското соопштение.
Епидемиолозите децидни – водата од градскиот водовод во Гостивар да не се користи за пиење, ниту за подготовка на храна сè додека надлежните не потврдат дека е безбедна за употреба.
Од болницата додаваат дека се намалува бројот на пациенти кои бараат помош.
Во болницата во Гостивар поставена е цистерна којашто ќе биде на располагање за потребите на болницата во наредниот период сè додека е тоа потребно.