Потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска денеска порача дека цените на производите растат секој месец, храната станува луксуз, а платите не успеваат да го следат поскапувањето. Како што истакна, вистината е дека за едно четиричлено семејство денес се потребни речиси 69.000 денари месечно само за основните животни трошоци, односно речиси три минимални плати.

-Вистина е дека нема 600 евра минимална плата, работниците создаваат вредност и профит, а нивните плати остануваат најниски во Европа. Вистина е дека пензионерите секој ден се соочуваат со повисоки трошоци, додека нивниот животен стандард опаѓа. Вистината е дека Владата на Мицкоски ги излажа граѓаните и ги остави сами во време на економска криза, без мерки за стандардот. СДСМ во програмата „Твоја држава – твоја шанса” нуди конкретни решенија и политики кои ја враќаат социјалната правда и економијата и го ставаат човекот пред профитот.

Правда е минималната плата автоматски да се усогласува со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата. Ако растат цените, мора да растат и платите. Тоа е една од нашите мерки, кажа Тренчевска во изјава за медиумите.

Потпретседателката на социјалдемократите исто така најавува државна поддршка за повисоки плати – намален данок на добивка или субвенционирање на придонесите за компаниите што ги зголемуваат платите.

-Правда е пензиите да растат и да обезбедуваат достоинствен живот. Затоа предвидуваме зголемување на пензиите до 50 проценти во еден мандат. Сојуз за достоинство и заштита на работниците и ранливите категории, признавање на студентскиот стаж, заштита на хонорарците и сезонските работници, дигитален пасош за работникот, како и додаток за домување и покриени трошоци за градинка за самохраните родители. Тоа се нашите вредности преточени во конкретни решенија, рече, меѓу другото, Тренчевска.