СДСМ упати жестока реакција до претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, обвинувајќи го за политичко предавство, корупција и поврзаност со сомнителни тендерски постапки.
Реакцијата следува по денешната средба на Димитриевски со граѓаните во Струмица, од каде тој порача дека завршило времето на политичари кои меѓусебно се натпреваруваат со скапи и ексклузивни летувања.
Од СДСМ велат дека се согласуваат оти настапило време за отчет, но тврдат дека токму лидерот на ЗНАМ треба да ја добие сметката од граѓаните. Според опозициската партија, Димитриевски треба да одговори за, како што наведуваат, предавството на поранешната партија и нејзините гласачи, како и за наводните скандали поврзани со Пошта и тендери преку кои се трошат буџетските средства.

„Доста го крадевте буџетот на граѓаните на Македонија. ЗНАМ е здружение што го создаде и го финансираше Мицкоски. Сега ве финансира преку тендери. Ви го плаќаше уделот во тендер-коалицијата“, се наведува во партиската реакција.
Од СДСМ дополнително оценуваат дека ЗНАМ го губи политичкото влијание и поддршката меѓу граѓаните. Тие тврдат дека движењето веќе го напуштиле голем број функционери и дека во неговото раководство практично останале само Димитриевски и министерот Горан Минчев.
Според опозициската партија, преостанатите членови на ЗНАМ се задржуваат во движењето единствено поради лични политички интереси. Од СДСМ најавуваат дека, како што велат, наближува времето кога раководството на ЗНАМ ќе мора да даде одговори за сите сомнежи и обвинувања за криминал и корупција.
Изнесените квалификации и обвинувања се ставови на СДСМ, а во партиската реакција не се приложени докази со кои тие би биле потврдени.
The post ДОЈДЕ ВРЕМЕ ЗА НАПЛАТА? СДСМ му испорача жестока „сметка“ на Максим appeared first on Politika.