Авион што леташе од Лондон кон Варшава денес изврши вонредно слетување на аеродромот „Варшава-Модлин“, откако е пријавено наводно поставена експлозивна направа во леталото. Поради тоа, аеродромот е затворен, соопштија претставници на аеродромот.

– Авионот слета во Модлин во 10:01 часот со 181 лице во него, изјави портпаролот на аеродромот „Варшава-Модлин“, Адам Шабловски, пренесува TVN24.

Тој додаде дека во моментов се очекува пристигнување на тимови за деактивирање експлозивни направи.

Летот првично требаше да слета на аеродромот „Варшава-Шопен“, но бил пренасочен кон Модлин.

Според соопштението од аеродромот, тревога е прогласена во 9:54 часот, откако е пријавена закана со бомба на летот што патува од лондонскиот аеродром „Хитроу“ кон аеродромот „Варшава-Шопен“.

Во моментот на слетувањето, во авионот имаше 3,7 тони гориво.

„По слетувањето, авионот е упатен кон посебно одредена зона, каде што ќе остане до донесување на натамошни одлуки и добивање упатства од надлежните органи, вклучително и тимовите за деактивирање експлозивни направи“, се наведува во соопштението.

Аеродромот „Варшава-Модлин“ останува затворен до понатамошно известување, додека надлежните органи ја истражуваат пријавената закана и преземаат мерки за да се осигура безбедноста на сите присутни на аеродромот.

– Безбедноста на патниците, екипажот и вработените на аеродромот во моментов е главен приоритет, се истакнува во соопштението, при што се додава дека дополнителни информации за ситуацијата и за повторното воспоставување на воздушниот сообраќај ќе бидат објавени подоцна.

Текстот Дојава за поставена бомба во авион кој леташе кон Варшава, леталото вонредно слета, аеродромот е затворен е превземен од А1он.