
Македонски туристи предупредуваат на серија кражби во Грција, откако останале без пет пасоши и други патни документи, кои им биле украдени од автомобил додека биле на плажа и на ручек.
Според нивното сведоштво, по враќањето од Сивири застанале на паркингот кај „Sahara Beach Club“, каде планирале да ручаат. Кога се вратиле до возилото, забележале дека автомобилот бил провален, а исчезнала мала чанта во која ги чувале документите.
Во кражбата биле одземени пет пасоши – на македонски државјани, како и на нивни пријатели со португалски и шпански пасоши, заедно со други документи поврзани со патувањето.
Случајот веднаш бил пријавен во грчката полиција, која извршила увид и составила записник. Според туристите, на безбедносните камери е забележана жена за која постои сомневање дека е поврзана со кражбата.
Тие апелираат до сите што летуваат во Грција да не оставаат пасоши, пари и вредни предмети во автомобилите, дури и кога возилата се паркирани на туристички места и изгледаат безбедно.
Овој случај е уште едно потсетување туристите да бидат особено внимателни со личните документи, бидејќи нивното губење или кражба може значително да го отежне враќањето во матичната држава.
The post ДОДЕКА РУЧАЛЕ, ИМ ГО ИСПРАЗНИЛЕ АВТОМОБИЛОТ Македонски туристи останале без пет пасоши во Грција appeared first on plusinfo.mk.