
„Во однос на креирањето немир и хистерија на СДС и Филипче, за Алта банка, време е СДС на чело со Филипче да престане да создава вештачка криза, да престане да ја руши довербата на граѓаните во институциите и финансискиот систем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за обвинувањата од СДСМ за случајот со Алта Банка.
ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДСМ дека со притисокот кон НБРМ и хајката против Алта банка создаваат терен за евтино преземање на банката од страна на бизнисмен близок до партијата и затоа, како што велат, со месеци ја политизираат темата за Алта банка.
„Додека СДС ја банкротираше Еуростандард банка, тогашната министерка за финансии, Нина Ангеловска, непосредно пред затворањето на банката си повлече од неа 250 илјади евра.
Граѓаните да бидат спокојни. Додека е премиер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на власт плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат. Македонија продолжува со реформите, нови инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, истакнаа, меѓу другото, од најголемата владејачка партија.
Мицкоски вчера побара „Обвинителството да се занимава со истрага за саботажа од страна на опозицијата СДСМ“, како и за „ширење паника меѓу граѓаните“.
-Го прочитав и тоа соопштение од опозициската СДСМ. Затоа е добро Јавното обвинителство да се занимава со ова кривично дело ‘саботажа’, бидејќи ова што го зборуваат не е само дневна политика. Ова е многу подлабоко од тоа и навлегува во темелите на државата. Па зарем вие ќе можете да препознаете, а сте дел од Светска Банка или Меѓународен Монетарен фонд, подобри перформанси во македонската економија и да ги нивелирате вашите проценки за 2026-та, ако Владата фингира? Не. Нормално дека не. Тие на тој начин ја обвинуваат Светска Банка и Меѓународниот Монетарен фонд, не Владата, рече премиерот на пресот со евроамбасадорот Рокас.