Норвешка со големо внимание го очекува понеделник, кога Окружниот суд во Осло ќе ја соопшти пресудата за 29-годишниот Мариус Борг Хоиби, син на норвешката престолонаследничка Мете-Марит.Хоиби се соочува со обвинение по 40 точки, меѓу кои и четири обвиненија за силување. Обвинителството бара казна затвор од седум години и седум месеци, додека неговата одбрана смета дека евентуалната казна не треба да надмине една и пол година.Тој ги негира најтешките обвиненија, но признал дел од полесните кривични дела поврзани со дрога, сообраќајни прекршоци и прекршување на забрана за приближување.Според обвинителството, четирите жени кои го обвинуваат за силување биле во состојба во која не можеле да дадат согласност, односно спиеле или биле неспособни да реагираат. Жените останаа анонимни во текот на судскиот процес.Дополнително, Хоиби е обвинет и за психичко и физичко малтретирање на поранешни партнерки. Меѓу сведоците беше и норвешката инфлуенсерка Нора Хаукланд, негова поранешна девојка.Случајот предизвика големо внимание и поради состојбата на неговата мајка, престолонаследничката Мете-Марит, која неодамна беше ставена на листа за трансплантација на бели дробови поради сериозно влошување на здравјето.И покрај болеста, таа и престолонаследникот Хакон го посетиле Хоиби во затвор, каде што се наоѓа од февруари годинава.Иако Мариус Хоиби формално не е член на норвешкото кралско семејство, случајот предизвика сериозна криза за монархијата и дополнително го наруши угледот на институцијата.Експерти и аналитичари предупредуваат дека без оглед на судската одлука, кралското семејство ќе мора да се справува со последиците од еден од најголемите скандали во поновата историја на норвешката монархија.