
Продолжените доцнења на границите поврзани со воведувањето на новиот европски систем ЕЕС (EES) би можеле да загрозат до 41 милион посетители и 45,4 милијарди долари од нивната потрошувачка, и тоа само од четирите најважни европски пазари.
На ова предупреди Светскиот совет за патувања и туризам (ВТТЦ).
Анализата, заснована на анкета спроведена меѓу повеќе од 2.500 патници од Велика Британија, САД, Канада и Австралија, покажа дека, доколку патниците се соочат со редовно чекање на границата од три до четири часа при влезот во шенген-зоната, околу една третина од нив би имале многу помали шанси да патуваат во Шенген или би одлучиле воопшто да не го посетат.
Примената на овие наоди врз прогнозите за бројот на посетители сугерира дека до 41 милион пристигнувања и 45,4 милијарди долари потрошувачка би можеле да бидат загрозени доколку значителните доцнења станат постојана карактеристика на патничкото искуство, пренесува ВТТЦ.
Патниците главно поддржуваат посилни, помодерни гранични контроли, но нивната подготвеност да ја посетат Европа нагло опаѓа кога ќе се соочат со можноста за долги и непредвидливи редици за чекање.
Меѓу испитаниците, 39 отсто од патниците од Велика Британија рекле дека би имало многу помала веројатност да патуваат во сценарио со доцнење од три часа или повеќе, по што следуваат 33 отсто од патниците од САД и Канада и 27 отсто од Австралија.
Претседателката и извршна директорка на ВТТЦ, Глорија Гевара, укажува дека воведувањето на ЕЕС е важен чекор напред во модернизацијата на европските граници и во зајакнувањето на безбедноста, а патниците ги поддржуваат дигиталните и биометриските гранични системи и ги разбираат долгорочните придобивки што тие можат да ги донесат.
„Предизвикот сега не е дали ЕЕС треба да продолжи, туку како владите, граничните власти и секторот за патувања и туризам ќе работат заедно за да осигураат имплементацијата да биде што е можно полесна“, додаде таа.
Истражувањето покажува дека 65 отсто од испитаниците го поддржуваат системот откако дознале за него, а само шест отсто имаат многу негативен став кон употребата на биометриските гранични контроли.