Германија ја поздравува примената на Европскиот пакт за миграција, но истовремено ги задржува контролите на границите, изјави германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт. „Ние сè уште имаме голем број луѓе кои ги враќаме од границите и затоа до понатамошно известување ги задржуваме контролите“, изјави Александар Добринт за јавниот сервис ЗДФ.

Тој истовремено објасни дека Германија ќе реагира „флексибилно“ во зависност од успешната примена на новите миграциски правила на ЕУ и дека е можно укинување на контролите. „Ако запрењето на надворешните граници на Европската Унија се покаже како успешно, тогаш нема да бидат потребни контроли на внатрешните граници на ЕУ“, рече баварскиот политичар.

Добринт ги отфрли критиките на одредени хуманитарни организации дека пактот ќе ги погоди семејствата со деца кои би можеле да бидат сместени во депортациски центри. „Не знам зошто веднаш се зборува за семејства со мали деца. Ние овде пред сè си имаме работа со млади мажи кои се обидуваат илегално да ја преминат границата“, рече Добринт.

Германскиот министер за внатрешни работи го пофали воведувањето на заедничкиот договор на ЕУ за миграција и го означи како „пресвртница“ за Европа. „Договорот за распределба на товарот од миграцијата е голем напредок“, рече Добринт. Тој укажа на тоа дека веројатно „нема сè од првиот ден да тече стопроцентно како што предвидовме“, но дека договорот постои и дека правилата ќе се надополнуваат по потреба.

Германија во средината на февруари ги продолжи контролите на границите до средината на септември. Контролите на границите со Австрија постојат уште од мигрантската криза во 2015 година, додека контролите на преминот со останатите соседи беа воведени по заострувањето на имиграциската политика во 2023 и 2024 година.