Заразеноста од мали сипаници е многу висока, бидејќи ова заразно заболување се шири преку воздухот и постојано апелираме да ги вакцинираат децата, бидејќи опфатот на вакцинирани е многу намален, изјави за „Локално“, Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје – Скопје.

Таа објаснува дека ризикот од појава на епидемија во земјата има во услови кога опфатот на вакцинирани деца е околу 60%, бидејќи за да бидеме заштитени треба да се вакцинирани 95 проценти од децата. Сепак, додава таа, според дефиниција за да се прогласи епидемија треба да има невообичаено зголемување на заболени во одредено време и на дреден простор.

-Во моментот имаме четири случаи, што не е невообичаено зголемување ако се земе предвид податокот дека минатата година во овој период имавме двајца тројца случаи што не е невообичаено. Но, исто така не можеме да молчиме, туку мора овие информации да ги споделиме со јавноста и да дадеме одредени препораки и да ги преземеме превентивни мерки, односно спречуање на преносот, изјави Андоновска.

Во конкретниот случај, како што појаснува Андоновска, заболените се од различни градови и нивната единствена поврзаност е тоа што дел од нив биле на лекување во иста болница за друга здравствена состојба.

Според информциите од ИЈЗ, од четворица заразени со сипаници, еден е странски држајанин, а тројца се македонски од Скопје, Охрид и Велес. При тоа, две лица од домашните државјани се деца, а третото лице е на возраст над 40 години.

Андоновска вели дека не може да се каже дека бројот на заболени е мал и нема ризик од ширење на болеста, бидејќи самиот податок дека има низок опфат на вакцинирани и има заболени значи дека веќе има ризик.

-И сега и  во август веќе предупредивме дека има висок случај на морбили во соседството како што се Косово и Бугарија. Сметаме дека овие два податоци ни укажуваат дека постои тој ризик во нашата земја. Но и третиот податок е дека процентот на вакцинација е незадоволителен, за задоволителен се смета од 95%, а ние имаме некаде околу 60 проценти во нашата држава и тоа за првата доза, а многу помалку за втората доза. Сите овие три работи ни укажуваат дека постои ризик и дека ние како држава и како институции дека треба да ја поткренеме свеста. Од тие причини сите надлежни институции, меѓу кои и ИЈЗ упати апел до граѓаните да си ги проверат своите здравствени вацинални картончиња и ако имаат пропуштени вакцини и ако сакаат да се вакцинираат, бидејќи ризикот е очигледен и постои во нашата држава, ни порача Андоновска.

Директорката објаснува дека луѓето не треба да се плашат од вакцинацијата и треба да им веруваат на лекарите и медицинските лица дека е неопходно да бидат вакцинирани.

-Тоа е единствениот и најдобар начин да се спречи ширење на болеста. Заразеноста од мали сипаници е многу висока, се шири преку воздух, Ако во едно одделение или една паралелка во градинка или во една просторија имате само едно лице кое што има мали сипаници, верувајте дека најголем дел од лицата кои се во таа просторија и не се вакцинирани, ќе се прошири и вр нис. Тоа е вистинскиот начин како да се спречи трансмисијата, вели Андоновска.

Соговорничката додава дека ги инфорирале сите училишта, градинки, гранични премини сите здравствени установи и дека добиле препораки и насоки како да се спречи ширење на болестан, но и како да постапуваат ако се појави кај нив.

-Апелираме родителите да не ги носат децата со респираторни симптоми в градинка или училиште, бидејќи респираторните симптоми се појавуваат пред да се појави осипот и тоа е еден од начините да спречиме ширење на болеста, вели Андоновска.

За тоа дали затаил здравствениот систем во подигање на свеста кај луѓето и зошто е дозволено толку да се намали опфатот на вакцинирани, Андоновска кажа дека здравствениот сектор реагирал навреме, направено е се како превенција и дека прават се за да се издигне свеста.

-И информацијата дека има ризик е споделена. Само Институтот за јавно здравје во многу наврати во текот на годината и претходно апелира за вакцинација и тоа не е единствената институција, вели Андоновска, истакнувајќи дека стравот на луѓето да ги вакцинираат децата е оттаму што некомпетентни лица шират дезинформации за вакцините.

-Мислам дека причината лежи во голем број социјални мрежи и достапноста и информациите што таму се споделуваат од нерелевантни луѓе кои шират страв за да предизвикаат паника, искажуваат сопствени мислења кои се земаат предвид повеќе од оние искази што ги кажуваат здравствените работници. Се создава една антиваксерска атмосфера и родителите се плашат да ги вакцинираат свооите деца.  Ова не е нова вакцина, ова е вакцина од 1972 година и сметаме дека воопшто не се точни исказите кои ги изнесуваат одредени родители и лица по социјалните мрежи, но тоа е одлука на избор. Наше е само да апелираме и да кажеме дека навистина ова заболување може да направи сериозни проблеми и компликации, кажа Андоновска.

Таа додава дека пред осум години имаше епидемија на мали сипаници во која над две илјади лица беа заболени, над осумстотини хоспитализирани, а имаше и четири смртни случаи.

-Ове бројки се довлни за подигнување на свеста кога веќе имаме постоечки ризик да пристапиме кон  една од најдобрите мерки, а тоа е вакцинацијата, заклучи директорката на ИЈЗ.

Е.Б.