Директорката на институтот за јавно здравје, Марија Андоновска на денешната прес конференција неколку пати повтори дека резултатите од испитувањата на квалитетот на водата во градскиот водовод во Гостивар не може да ги соопшти додека не добијат одобрение од Обвинителството.

-Ние како Институт за јавно здравје сакаме во рекорден рок да ги направиме испитувањата и да излезат резутатите. Би сакала да ме разберете дека во интерес на истрагата не можам да ги дадам информациите, и во првиот момент кога јавното обвинителство ќе добиеме дозвола, ќе бидат споделени со јавноста, изјави за „Локално“ Андоновска, на прашањето дали може да каже од која категорија е квалитетот на водата во градскиот водовод во Гостивар.

Испитувањата, како што кажа таа, се направени на четри локации во Гостивар на барање на обвинителството, кои минатата недела по спроведената истрага соопштија дека постои основно осмнение дека Општина Гостивар и нејзиното јавно претпријатие „Водовод“ ја загадиле водата во градскиот водовод. Според првичните информации од МВР, тие поставиле три пумпи на коритото за отпадни води и го поврзале на главниот водоводен систем со кој се снабдува со вода за пиење цел Гостивар.

Во меѓувреме, од труење со загадената вода во градот, во болницата и во здравствениот дом лекарска помош побарале 3.100 лица, а четворица се хоспитализирани.

Денес полицијата ја приведе Аратана Асани, директорката на ЈП „Водовод“ од Гостивар и уште две лица под сомнение дека го загадиле градскиот водовод.

-Труењето со фекални или колиформни бактерии кога се консумира храна или вода кои се контаминирани, може да се јават вакви симптоми како овие од ваков тип како кај граѓаните на Гостивар, изјави Андоновска, на новинарско прашање дали труењето со бактерии од фекално потекло има исти симптоми како оние на кои се пожалиле гостиварчани.

Е.Б.