
Банкарскиот сектор во земјата е стабилен и регулиран со најстроги закони. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Централниот дневник на МРТ.
„Банкарскиот сектор во Република Македонија е стабилен и ова не е првпат да го зборувам. Ова е резултат на едно долгогодишно искуство и работење во банкарскиот сектор. Законите во Македонија се најстроги кога станува збор за овој дел или финансискиот систем целокупно, посебно банкарскиот би го издвоила. И тука морам да кажам не само законските регулативи, туку и подзаконските прописи што ги пропишува Народната банка, но исто така и процедурите интерни што ги имаат банките се многу строги”, рече министерката.
Таа потенцираше дека банкарскиот систем е стабилен, дека состојбата со Алта банка има речиси незначителено учество во целиот банкарски сектор, но легитимна е загриженоста на клиентите.
„Ако вие сте клиент на Банката во овој момент нормално е дека сте загрижени затоа што платата не сте ја добиле или пари имате во Банката. И сега администрацијата на Народната банка воведува одредени ограничувања и легитимно е правото на граѓаните да бидат загрижени. Но мора да бидеме сигурни во системот, да веруваме во системот и надлежната институција која веќе работи таму и да веруваме дека состојбата ќе биде под контрола. Дотолку повеќе што ова не е резултат на проблеми коишто ги имаше Банката во Македонија, туку ова е резултат на тоа што се случува во матичната би рекла компанија сопственик на Банката во Македонија, тоа е банката во Србија. Оттаму почнуваат проблемите така што Банката во Македонија доаѓа во состојба да нема сопственик, односно се менуваат ситуациите таму и тука настануваат проблемите”, појасни министерката.