Министерството за внатрешни работи ги демантира информациите што се појавија во дел од медиумите, а се однесуваат на сообраќајната несреќа на патот ГП Блаце – Скопје во која загинаа три лица.

Од МВР велат дека се неточни тврдењата дека возилото во кое се наоѓале жртвите било бркано од друго возило што лажно се претставувало како полиција, како и дека вакви случаи биле забележани и претходно.

„Апелираме да не се шират непроверени информации и дезинформации. Ниту е евидентирана појава на таканаречена лажна полиција, ниту има пријави за такви случаи“, информираат од Министерството.

Од МВР додаваат дека истражните органи продолжуваат со работата и ќе ги утврдат сите околности и причините што довеле до трагичната сообраќајна несреќа.

The post Демант од МВР за информациите дека жртвите биле бркани од „лажна полиција“ appeared first on Скопско ЕХО.