Одбраната на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов се откажа од повикување на сведоците Љупчо Пецов и Маријан Стојоски, бидејќи не можеле да стапат во контакт со нив, а според адвокатот Звонко Давидовиќ, нивните сведочења немаат голема доказна вредност на веќе изведените докази.

На денешното рочиште требаше да сведочат две вешти лица, но тие не дојдоа во судот. Едниот како што кажа одбраната бил болен, а другиот се уште не го изготвил финансиското вештачење.

-Тоа се вешти лица. Едниот е за ДНК анализа и ќе доставиме медицинска документација дека е болен. Како што слушнавте финансиското вештачење се уште не е завршено во контакт сме со вештакот. Видовме дека извештајот е над 90 страни. Проверени се сите сметки и сите банки. За шест лица, што е обемно, ќе го видиме вештачењето, ќе го изведеме како доказ, рече Давидовиќ.

На новинарско прашање зошто повлекле дел од предложените сведоци во корист на Ристов, кој е обвинет за лоупотреба на службена положба и прикривање имот, Давидовиќ рече дека не можат да стапат во контакт со нив. Љупчо Пецов-Ѓаволот беше предложен за сведок на одбраната, а истрагата за судијата почна откако сега осудениеот поранешен народен правобраните Фехми Стафа сведочеше дека од Пецов зел мито од 50.000 евра за судијата Ристов. Во куќата на родителите на судијата во Неготино заѕидани во ѕид од кујната, за време на истрагата беа најдени 350.000 евра.

-Повлековме дел од сведоците бидејќи со истите не може да стапиме во контакт, а од досегашните постапки и изведените докази покажаа дека немаат голема доказна вредност по однос на веќе изведените докази, рече Давидовиќ.

Во одговор на новинарско прашање, тој рече дека економското вештачење го покажува она што го покажало и вештачењето на Обвинителството.

-До некаде се совпаѓаат двете вештачења, дека е сосема можно толкави пари да заработиле таткото и мајката на Ѓоко Ристов и да имале можност истите да ги издвојат. Тоа ако заборавате и вештакот го кажа дека за шест години заработиле 975.000 евра, кажа Давидовиќ.

Денес во судот одбраната изведуваше материјални докази, меѓу кои и правно мислење на проф. Гордан Калајџиев. На новинарско прашање од каде е тоа мислење односно дали е од Фејсбук статус, адвокатот рече:

-Не, секако дека не. Тоа би било премногу несериозно. Тоа е правно мислење за кое беше ангажиран и правното мислење е дека правната квалификација е онака како што почнавме, иако се подзаборави дека одбраната тврди дека судија не може да биде опфатен со законско битие на ова кривучно дело бидејќи истото се однесува на службено или овластено лице во јавно претпријатие, јавна установа или правно лице кое располага со државен капитал. Ништо од тоа не и судот, кажаа од одбраната на судијата Ристов.

Е.Б.