
Во првото тримесечје од оваа година, продуктивноста на трудот во Европската Унија (ЕУ) е минимално зголемена за 0,1 отсто во споредба со истиот квартал од 2025 година, како по вработено лице, така и по бројот на работни часови.
Во последниот квартал од минатата година, продуктивноста по вработен порасна за 0,8 отсто на годишно ниво, а според бројот на одработени часови за 0,7 отсто.
Евростат напоменува дека пресметката се заснова на комбинација од податоците за бруто-домашниот производ (БДП) и вработеноста, пишува порталот Financije.hr.
Данска забележа најголем раст на продуктивноста по вработен, која во споредба со првите три месеци од 2025 година порасна за 4,8 отсто. Втора по успешност беше Литванија со раст од 3,5 отсто, а трета Словенија со поголема продуктивност по вработен на годишно ниво за 2,7 отсто.
Само во две земји членки овој вид продуктивност се намали – во Ирска за дури 16,9 отсто и во Италија за 0,3 отсто.
Што се однесува до најголемите европски економии, освен споменатата Италија, Германија забележа раст од 0,7 отсто, Франција од 0,8 отсто, а Шпанија од 0,3 отсто.
Данска е на врвот и кога станува збор за растот на продуктивноста според бројот на работни часови, со годишна стапка од 5,1 отсто.
Втора во тој сегмент беше Шведска со три отсто, а трета Полска со 2,8 отсто.
Продуктивноста според бројот на работни часови падна во шест земји, а најмногу повторно во Ирска – за 17,1 отсто.
Познато е дека бројките за Ирска кои се однесуваат на БДП честопати силно варираат поради присуството и сметководствената практика на големите мултинационални компании.
По Ирска, најголем пад имаше Литванија од 1,3 отсто, а потоа Чешка од 0,8 отсто.
Во однос на бројот на работни часови, Хрватска ја зголеми продуктивноста за 2,2 отсто, а Словенија за 2,5 отсто.
Германија во тој сегмент имаше раст од едвај 0,4 отсто, Франција од 1,2 отсто, а Шпанија од 0,6 отсто.