Епидемиологот Драган Даниловски преку објава на социјалните мрежи укажува дека осумте досега регистрирани случаи на Западнонилска треска во Македонија не треба да се толкуваат како показател дека сите заразени развиваат тешка форма на болеста.

Тој посочува дека сите досега евидентирани пациенти имале невроинвазивна форма на заболувањето, но нагласува дека ова се случаите кои најлесно се откриваат и влегуваат во официјалната статистика, додека голем број инфекции остануваат нерегистрирани.

„Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“, наведува Даниловски.

Според него, кај вирусот на Западен Нил околу 80 проценти од заразените немаат никакви симптоми, кај приближно 20 проценти се развива полесна фебрилна болест, додека тешката невроинвазивна форма се јавува кај помалку од еден процент од инфицираните, најчесто кај повозрасни лица и лица со хронични заболувања или ослабен имунитет.

„Осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката ‘санта мраз’. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска“, истакнува Даниловски.

Во објавата тој предупредува дека без дополнително објаснување, јавноста лесно може погрешно да заклучи дека вирусот кај сите заразени предизвикува тешка болест или дека станал поагресивен, што, според него, не одговара на научните сознанија.

Даниловски посочува дека особено значајно е тоа што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони, што, како што наведува, укажува на локална циркулација на вирусот во природниот циклус меѓу птиците и комарците и на изложеност на населението.

„Во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, порачува Даниловски.

Тој апелира во наредниот период да се засилат епидемиолошкиот и ентомолошкиот надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и мерките за лична заштита од убоди.